Со петнаестминутни стоечки овации и „Браво“ скопската публика во Македонскиот народен театар (МНТ) ги поздрави танчарите на француската претстава „Пиксел“ во кореографија на Мурад Мерзуки – во продукција на Националниот кореографски центар во Кретел и Вал-де-Марне.
„Пиксел“ во моментов е светска атракција. Тоа е спој на современ танц, хип-хоп и врвна технологија на сцена. Со оваа претстава во Скопје, Франција ја отвора сезоната FranceDance Orient Express на Балканот. Гостувањето е поддржано од Францускиот институт од Скопје и Париз и Театроскоп.
Гостувањето на „Пиксел“ го направи Скопје на момент светски град. Публиката возбудено коментираше и не ги штедеше комплимените за танчарите. „Браво“ – беа најчестите коментари меѓу гледачите.
Скопската публика успеа да ги измотивира 11-те танчери, кои по завршување на перформансот, ги покажаа сите свои квалитети, играјќи хип-хоп на сосема друга музика, која не беше дел од перформансот. На крајот на танчарите на сцена им се придружи и Мурад Мерзуки, кој одушевен од публиката, заедно со танчарите, се фотографираше со публиката во салонот на МНТ.
– Јас бев тука, меѓу вас и заедно ја следевме претставата. Гледам дека многу од вас снимаа или фотографираа. Ве замолувам да ми ги испратите сите материјали, на „Фејсбук“ или на „Инстаграм“. Сега сакам да направиме една заедничка фотографија – изјави Мерзуки.
Примабалерината во пензија Јагода Сланева ја доби наградата „Менада“ за особен придонес за развојот на танцот која традиционално ја доделува Фестивалот за современ танц „Танц-фест“. Наградатаѝ беше врачена вчеравечер на отворањето на 13. „Танц-фест“.
– „Танц-фестот“ во Македонија доби врвно место во културата во 13 години постоење, благодарение на неговата директорка Рисима Рисимкин, на разновидниот репертоар, на сето тоа што е ново, така што овој фестивал е веќе познат и за него има интерес и во Европа, Затоа, кога дознав дека сум добитник на наградата „Менада“, за мене тоа беше голема радост и голема чест, зашто „Танц-фестот“, кој овде го носи новото, им ја доделува на луѓе што се занимавале со балетската уметност – истакна Сланева.
Како примабалерина таа го носеше железниот репертоар на класичната балетска уметност во Македонија. Во меѓувреме станала педагог репетитор во Македонскиот народен театар и кореограф на многу претстави.
Со „Пиксел“ почна дваесетдневната програма на 13. „Танц-фест“, која под мотото „Биди свој!“ до 25 април ќе се одржува во Скопје (во МНТ и на сцената „Зебра“) и во театарот „Џинот“ во Велес.
Организаторот, Скопје танцов театар, најави интересни настани и претстави, со учество на уметници од Франција, Швајцарија, Кина, Словенија, Летонија, Германија, Италија, Холандија, Унгарија, Русија, Чешка и од Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)