По успешните етапи во Баер Леверкузен и Баерн Минхен, Михаел Балак своевремено направи сензационален трансфер во Челси во 2006 година и беше еден од играчите со кои започна шампионската ера на Роман Абрамович на „Стемфорд Бриџ“, а четирите успешни години кои ги имаше како член на лондонските „сини“ секако му даваат за право да дава мислења на актуелните теми.
Во последно време доста се пишува за потенцирајлниот мега трансфер на Еден Азар во редовите на Реал Мадрид во летниот преоден рок, но Балак смета дека евентуална ваква одлука на Белгиецот ќе биде погубна за него од едноставна причина што нема да може да се справи со фудбалските ега во „кралскиот клуб“.
– Азар е феноменален играч, но го нема потребниот ментален капацитет за да се натпреварува со фудбалските ега во Реал Мадрид. Немаше воопшто добра сезона минатата година кога во Челси атмосферата беше критична и во Реал ќе му се случи истото. Тој е емотивен фудбалер на кого му е потребна стабилност и стабилно опкружување. Потребни му се соиграчи и тренер кои веруваат во него. Ако замине во Реал, убеден сум дека нема да може да се пронајде себеси, ќе му треба многу време за да се адаптира, а тоа ќе биде погубно за него. Мислам дека најдобро за него е да остане во Челси и да продолжи да реди успеси во овој клуб – истакнал Балак во изјава за „Телеграф“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.