| четврток, 6 декември 2018 |

Работилница на ИСОС: Имплементација на најдобрите меѓународни практики за квалитетни сметководствени услуги

Подобрување на условите и квалитетот на сметководствената професија, преку имплементација на најдобрите меѓународни практики е целта на стручната работилница на сметководители со меѓународно искуство која во следните два дена се одржува во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители и Сојузот на сметководители на Република Македонија.

Искуствата ги споделуваат еминентни предавачи од Институтот на овластени сметководители на Англија и Велс. Претседателката на Институтот на овластени сметководители и сметководители Ленче Папазовска истакна дека на работилницата ќе се сподели примената на најдобрите меѓународни практики во врска со развојот на сметководствената професија во Република Македонија.

-Овие практики ќе помогнат во примената на Законот за вршење на сметководствени работи. Очекуваме дека оваа проактивна работа на оваа работна група на која учествуваме и ние ќе даде голем придонес во развој и подобрување на квалитетот и услугите кои ги даваат сметководителите. Колегите учесници на оваа работилница ќе бидат квалифицирани за да можат да го пренесат знаењето посебно од аспект на подобрување на квалитетот на вршење на сметководствените работи, вели Папазовска.

lence-papazovska-640x382

Мартин Мануци, кој е еден од предавачите, директор на Меѓународниот форум на сметководители од Брисел и извршен директор на ICAEW во Велс, вели дека ова е продуктивна серија на работилници.

-Следната ќе биде во Кипар, а работилниците се наменети да ја подобрат климата за сметководителите во регионот со поддршка на меѓународниот сметководствен форум. Ќе ги споделиме своите знаења и искуства и да ја подобриме климата за сметководители, посочува Мануци.

Ова е последната четврта работилница со што се заокружува оваа серија на одржани работилници. На истата присуствуваат сметководители од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Република Српска, Србија, Албанија.

Инаку, Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија е основано во согласност со Законот за вршење на сметководствена дејност и ги обединува сметководителите и овластените сметководители, а со цел унапредување на сметководствената професија и нивно организирано делување.

Институтот согласно закнот ги издава уверенијата за работа на сметководителите, како и на фирмите кои вршат сметководствена дејност, води Регистри, врши контрола на работењето на вршителите на сметководствени работи, организира и спроведува испит за проверка на знаење, а спроведува и обука за констинуирано професионално усовршување. Досега од страна на Институтот издадени се околу 9.153 Уверенија на овластени сметководители и сметководители.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top