| четврток, 6 декември 2018 |

Анте Назор: Посакуваме нова победа за продолжување на низата и зголемување на психолошката стабилност

mzt skopje

Актуелниот кошаркарски првак, МЗТ Скопје е единствената непоразена екипа во Суперлигата по четири одиграни меча, а во новото коло кое е закажано викендов се соочува со Куманово. Стратегот Анте Назор вели дека „штрковите“ се наоѓаат во добра серија, но никако не смее да влезат опуштено во дуелот против вицепрвакот, затоа што се работи за квалитетна екипа која знае да изненади.

– Се наоѓаме во победничка серија, која донесе психолошка стабилност во екипата, а што, пак, е значаен предуслов за добра игра на вечерашниот дуел против Куманово. Треба да бидеме борбени, агресивни и пред сѐ растрчани бидејќи противникот има свои квалитети кои воопшто не се за потценување, а кои ќе дојдат до израз само ако ние им го допуштиме тоа. Во преден план тука се моторите на екипата, Караџовски и Браун, од кои зависат многу работи во составот на кумановци поради што треба да бидеме максимално внимателни во одбраната. Не смеат да се заборават ниту останатите играчи, пред сѐ Јаневски, кој може да одигра добро и на надворешните и на внатрешните позиции. Ќе пробаме со агресивност да ја отежнеме соработката помеѓу одличните плејмејкери и останатиот дел од тимот и ако успееме во тоа тогаш ќе завршиме најголем дел од работата на патот кон посакуваната цел. Истовремено, ќе мора да го диктираме ритамот на натпреварот и со голема енергија и ротација да дојдеме до петтата победа по ред во Суперлигата – смета Назор.

Натпреварот меѓу МЗТ и Куманово се игра вечерва од 18.00 часот. Куманово во Скопје нема да може да смета на тренерот Марјан Србиновски кој е суспендиран еден меч поради недолично однесување на дуелот против Фени Индустри, додека кај МЗТ, повредени се Стефан Синовец и Душан Катниќ.

Билетите за мечот во СЦ „Јане Сандански“ се пуштени во продажба и чинат 100 денари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top