| четврток, 6 декември 2018 |

Томислав Тодоровски: Изложени сме на атак од домашни и надворешни предавници насочени да го урнат уставниот унитарен карактер на државата

Ние македонците денес сме изложени на беспримерен атак што го вршат некои наши домашни и надворешни предавници, кои се насочени да го урнат уставниот унитарен карактер на државата. Ние тоа нема да им го дозволиме, посочи на протестот „За заедничка Македонија“ македонистот Томислав Тодоровски, кој потсети дека „вакви предавства во сојуз со надворешни непријатели“ има во македонската бурна историја.

Тој потсети дека и илинденското востание, непокорот на македонскиот народ против турското господство, бил поткопано од  бугарскиот врховизам, но наспроти очекувањата востанието да не успее и да се лансира тезата дека Македонците не се кадарни да кренат востание, востанието е крваво задушено, но не и борбениот дух на македонскиот народ .

Тодоровски потоа се наврати на балканските војни, кога  повторно претците биле соочени со предавства од македонски интелектуалци.

-Меѓу потписниците на букурешкиот договор бил и ресенчанецот Симеон Радев, а тој остана како еклатантен пример за македонски интелектуалец кој, бркајќи висока кариера, заборави на интересите на својот народ- посочи Тодоровски.

Како трет пример, Тодоровски ја посочи втората светска војна и поразот кој што го доживува хитлеровата Германија, неговите сателити Италија, Бугарија, Јапонија, како и нивните слуги  четниците од Србија, усташите од Хрватска, балистите од Албанија

-И гледајте сега, деновиве слушаме дека во таа тиранска платформа на албанскиот премиер Еди Рама што ја потпишаа и лидерите на албанските партии во Македонија, бараат од новоформираната тиранска влада која сакаат да биде формирана во Македонија, да се донесе резолуција во македонскиот парламент за осуда на измислен геноцид од страна на македонскиот народ, сакајќи со тоа да не скараат уште повеќе со нашите соседи. Во текот на Втората светска војна, Македонија беше окупирана од Германците, па од бугарските фашисти, а албанските балисти вршеа терор врз македонското население во западна Македонија. И наместо ние да бараме сатисфакција и извинување од албанската влада тие сакаат обратно, Македонците да донесат резолуција за осуда на божемен геноцид врз Албанците- посочи Тодоровски.

Сите што божем сакале да и помогнат на Македонија и се обидувале да ни се доближат на подмолен начин,  додаде Тодоровски, тие сакале што подолго да не држат во своите политички влијанија. Ние доживуваме тешки денови, тешка криза инспирирана од болните планови и желби на некои македонски политичари од опозицијата, кои во содејство со нашите албански партии поддржани од првите луѓе на ЕУ, од челниците на НАТО, сакаат да формираат влада на широка коалиција за божем да ги реши сите отворени прашања кои ни стојат за влез во ЕУ и НАТО.

-Тоа е обична лага и заблуда и ние како Македонци заедно со сите наши сограѓани нема да подлегнеме на нивните лажни планови и ветувања- посочи во своето обраќање на протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ македонистот  Томислав Тодоровски, носител на наградата „11 октомври“ за животно дело во областа на науката и образованието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top