| четврток, 6 декември 2018 |

Наградата за животно дело на „Мал битолски Монмартр“ за Арнаут Његош

Арнаут Његош, ликовен педагог и сликар роден во Босна и Херцеговина, кој живее и работи во Власеница, Република Српска, е годинaшен добитник на наградата за животно дело „Богомил Карлаварис“ што ја доделува меѓународната детска ликовна колонија „Мал битолски Монмартр“…

– Наградата за животно дело од минатата година се доделува во чест на професорот Карлаварис, осведочен и потврден вљубеник на „Мал битолски Монмартр” или како што уште го нарекуваа – новосадски битолчанец, пријател на Битола и на Македонија, истакна Коста Хаџи Антоновски, раководител на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола.

Тој посочи дека ликовниот педагог Арнаут Његош е заслужен што секоја година многу деца од Босна и Херцеговина испраќаат ликовни творби или колекции, а пред неколку години за време на неговиот престој во Битола му е доделена наградата гран-при.

– Годинава одлучивме да му доделиме награда за животно дело, а предноста над останатите конкуренти за ова признание ја доби затоа што долги години е наш соработник и го заслужи празнанието, посочи Хаџи Антоновски.

Ликовниот уметник Арнаут Његош има голем сликарски стаж, како просветен работник со своите ученици добил голем број признанија и награди од сите страни на светот. Неговата омилена техника на ликовно изразување е масло на платно. Успешен е како иконописец, изработил повеќе иконостаси и слики кои красат многу домови и службени простории во многу градови и држави.

Меѓународното стручно жири на „Мал битолски Монмартр“ одлучи на светската изложба што ќе биде отворена на 23 мај во Битола да претстави 899 избрани ликовни творби, а за време на свеченото отворање ќе бидат доделени 367 награди во различни категории, како што се „Златна четка“, „Златна палета“, дипломи и наградата гран-при која годинава им припадна на учениците од Спишка Бела, Словачка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top