| четврток, 6 декември 2018 |

Туск ги слушна нашите пораки и ќе ги пренесе во Брисел

Понеделник 3 април, 36. ден од херојскиот подвиг на сите вас, како стотици илјади граѓани на оваа земја решија да кажат како народот не смее да биде игнориран, 36. ден како бараме од сите политички партии да се откажат, да ја отфрлат да ја осудат тиранската платформа, 36. ден како повторуваме, не сакаме двонационална, двојазична Македонија, туку мултиетничка Македонија, заедничка Македонија, 36. ден како повторуваме дека нема дебата за знамето, за химната, за државниот грб, нема дебата за името на Република Македонија.

Ова денеска го порача Богдан Илиевски, еден од главните организатори на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Тој потенцираше дека во оваа земја доаѓале политичари со свои агенди и интереси, кои не сакаат да го слушнат гласот на народот, но и такви кои имаат малку повеќе сенс за зборот суверенитет и не наметнуваат решенија, кои резултираат со свиткана кичма на македонскиот народ.

– Македонци некогаш во нашата земја и во оваа зграда доаѓаат луѓе, коишто мислат дека можат да ни го свиткаат грбот, некогаш доаѓаат политичари со свои интереси и свои агенди, кои сакаат да не се сретнат со народот и да не го слушнат гласот на народот. Нo, некогаш доаѓаат и такви политичари кои имаат малку повеќе сенс за зборот суверенитет и такви политичари кои не се наметнуваат со такви решенија, кои резултираат со свиткана кичма. Му посакуваме добредојде на господинот Туск и му посакуваме добро да не види колку сме, бидејќи ако повторно дојде некој Хан ние можеме да се собереме и во неколку пати поголем број од овој – изјави Илиевски

Тој кажа дека Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет ги слушнал пораките кои граѓаните ги испраќаат и дека ќе им ги пренесе на своите колеги од Брисел.

-Се надеваме дека ги слушнал нашите пораки и ќе ги пренесе кај неговите колеги во Брисел, од кои дел од нив сигурно мислат дека лесно може да се справат со нас, иако 36. ден по ред им гарантираме дека не е така. Ќе продолжиме да им гарантираме, да покажуваме и докажуваме дека никој не може да ја сака оваа земја повеќе од нас самите и никој не може да се бори повеќе за неа од нас самите. Добронамерниците ќе ги пречекаме како што треба, оние другите како што заслужуваат – изјави Илиевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top