| четврток, 6 декември 2018 |

Мјузикл „Тајно моја“: Една посебна енергија, една посебна љубов кон Тоше

Ова е еден прекрасен вид IN MEMORIAM за Тоше Проески каков што тој заслужуваше многу, многу порано, вели Игор Џамбазов за мјузиклот кој вредеше за секој ден од очекувањето

Овации и неколкуминутен аплауз следуваа на крајот на две и полчасовното шоу во Македонската опера и балет. Мјузиклот „Тајно моја“, посветен на Тоше Проески, заслужено ги собра бурните ракоплескања на публиката, која ја наградуваше секоја песна и секоја изведба на целиот ансамбл.

tajno-moja-mjuzikl-8

Како да не поминаа повеќе од десет години, „Тајно моја“ нѐ врати во времето кога неговата музика нѐ обединуваше, а љубовта и почитта кон македонската песна нѐ исполнуваа со гордост.

Магијата и емоцијата на песните на Тоше, изведени во долгоочекуваното ново, оркестарско руво, повеќе од успешно ја заокружија приказната за македонските Ромео и Јулија, младата Ана и нејзиниот Филип. Таа од Скопје, тој од Крушево, се вљубуваат и покрај противењето на нивните родители, во време кога Тоше ги освојува срцата на публиката низ Балканот.

tajno-moja-mjuzikl-1

Иако ова е негово прво музичко дело, режисерот Тони Михајловски направи совршен баланс меѓу приказната и песните, баладите и ритамот на претставата, која ни за момент не изгледаше здодевно.

Дополнителен посебен печат беше и текстот на Огнен Неделковски, кој е и автор на стиховите на „Тајно моја“, песната по која е насловен мјузиклот.

Музичкото творештво и хуманитарното наследство што го остави Тоше беа вистински предизвик и одговорност за нас – изјавија пред самиот почеток учесниците во мјузиклот „Тајно моја“ во режија на Тони Михајловски.

tajno-moja-mjuzikl-2

Повеќе од 200 учесници го направија „Тајно моја“ вистински спектакл.

Дебитантите избрани преку кастинг, Антонија Гиговска во улогата на Ана и Дениз Димоски во улогата на Филип, не дозволија тремата од нивниот прв настап да преовлада.

Пред сѐ, сакавме да го направиме ова за Тоше Проески бидејќи тој го заслужуваше ова и мислам дека би бил многу горд да го види ова со сите нас – истакна Гиговска.

tajno-moja-mjuzikl-5

Ова, на некој начин, претставува едно школо за сите нас што почнуваме да градиме некакво искуство на оваа сцена. Се надевам дека ќе успееме да ги оправдаме очекувањата на публиката и сите ќе бидат задоволни – додаде младиот Димовски.

Во изминатите два месеца, колку што траеја подготовките за мјузиклот, добија голема помош од актерите Весна Петрушевска, Игор Џамбазов (кои ги толкуваат улогите на таткото и на мајката на Ана), потоа Дејан Лилиќ и Арна Шијак (таткото и мајката на Филип), Лазе Манасков, но и од режисерот на претставата Тони Михајловски.

tajno-moja-mjuzikl-3

Оваа претстава, веројатно, го има она што го немале многу претстави. Тоа е една посебна енергија, една посебна љубов кон Тоше. Ова е еден прекрасен вид IN MEMORIAM за Тоше Проески, каков што тој заслужуваше многу, многу порано – забележува Игор Џамбазов.

За композиторите Сони Петровски и Кокан Димушевски, кои се воедно и автори на новите аранжмани, Тоше Проески се вбројува во ретките што умеат да ги доловат музичките суптилности на композицијата.

tajno-moja-mjuzikl-7

Од една ваква временска дистанца беше навистина интересно да се пристапи кон неговите најголеми хитови, но не само да се аранжираат сами по себе, туку и да се стават во еден поширок контекст – вели Сони Петровски.

Проектот е дел од Годишната програма на Министерството за култура во копродукција со Фондацијата „Тоше Проески“, а правен е во чест на 10-годишнината од неговата смрт.

tajno-moja-mjuzikl-6

По премиерата ќе следуваат уште две претстави во април, а за време на летото мјузиклот ќе биде претставен и во поголемите балкански градови.

Пишува: Марина Костовска 
Фото: Сашо Н. Алушевски
(Текст објавен во 239. број на неделникот „Република“, 31.03.2017)

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top