Синоќа, во уште еден епски тениски меч легендарниот Роџер Федерер се закити со трофејот на вториот мастерс-турнир сезонава, Мајами. Во големото финале против Рафаел Надал, Швајцарецот докажа дека годините се само бројка и дека моментално го игра најубавиот тенис меѓу колегите. Сето тоа го потврди и Надал, кој повторно остана со помалиот пехар.
– Секои три години сум дел од ова финале, но за жал никако да го подигнам поголемиот трофеј. Сепак, ви ветувам дека ќе продолжам да се борам за овој трофеј. Големи честитки до Федерер и неговиот тим, ова што го прави тој е неверојатно, дефинитивно ова е едно од најголемите враќања во историјата на тениската игра. Да имаш толку проблеми со повредите и да се вратиш толку моќен, тоа е неверојатно, навистина среќен сум за него. Ако ја задржи оваа форма и игра тенис на вакво ниво, тој повторно ќе биде број 1 во светскиот тенис – по мечот изјави Надал.
Федерер најави пауза за одмор и враќање на терен дури за Ролан Гарос, додека Надал го откажа настапот за Шпанија против Србија, за што подобро да се припреми за турнирите на земјена подлога, мастерсите во Монте Карло, Мадрид и Рим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.