| четврток, 6 декември 2018 |

Фленсбург е последниот патник во четвртфиналето од Лигата на шампионите

flensburg

Фленсбург ќе биде тимот што ќе му се спротивстави на Вардар во четвртфиналето од Лигата на шампионите, во две битки кои ќе дадат одговор дали „црвено-црните“ конечно по три години пласман во Топ 8 ќе успеат да се најдат на фајналфор турнирот во Келн. Ракометарите на Фленсбург вечерва сериозно се намачија на реваншот против Мешков Брест, славејќи 28-26 во дуел во кој беа многу близу до елиминација. Иако имаа „плус еден“ од првиот натпревар во Белорусија, избраниците на Врањеш на неколку минути до крајот имаа „минус два“ и играч помалку на теренот, но сепак покажаа карактер, се вратија во натпреварот и на крајот стигнаа и до втората победа над Мешков.

Уште од самиот почеток стана јасно дека Брест Мешков не е дојден во Германија со бело знаме, откако белоруските ракометари со максимално ангажирана игра не му дозволија на домаќинот да влезе во својот препознатлив ритам. Мешков водеше со 5-7, Фленсбург израмни на 9-9, па се играше „гол за гол“ до крајот на полувремето кое заврши без победник, 13-13. Германскиот состав го отвори вториот дел со гол на Егерт, но Фленсбург во ниту еден момент немаше повеќе од еден гол предност.

До два гола позитива дојде Мешков, и тоа на пет минути до крајот (23-25) во моментите кога белорускиот состав имаше и играч повеќе на теренот. Фленсбург возврати и израмни на 26-26 на две минути до крајот, а потоа по една наивно загубена топка на Белорусите домашните ракометари поведоа со контранападот на Ване. Тренерот на Мешков зеде тајмаут, но Остроушко го промаши следниот шут, со што беше ставен крај на надежите на белорускиот состав за историски пласман во четвртфиналето од ЛШ. Домаќините искусно оставија времето да мине, па на петнаесет секунди до крајот изнудија пенал што Егерт го претвори во гол за конечна победа од 28-26.

Шмит постигна седум, а Ване и Егерт по пет гола за тимот на Фленсбург, додека најефикасен во редовите на Мешков Брест беше Стојковиќ со осум погодоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top