| четврток, 6 декември 2018 |

Ново тениско „Ел класико“, Федерер и Надал во епска битка за тронот на Мајами

Роџер Федерер и Рафаел Надал ќе го играат своето 23. финале, откако Швајцарецот го победи Ник Кирјиос од Австралија со 2-1 во сетови и три часа борба.

Освојувачот на 90 титули продолжува со одличните игри во новата година и во Мајами го брка третиот сезонски трофеј. На патот до ново славје ќе му стои стариот познаник од Мајорка, против кого одигра 37. дуели и има негативен скор од 13 победи и 23 порази.

Шпанскиот тенисер има предност и во финалните натпревари, во кои победил на 14, а загубил на 8 од нив.

Надал стигна до финалето на убедлив начин, со победа над Фабио Фоњини (7-5, 6-1) и ќе има шанса за поправен, по поразот од Швајцарецот на отвореното првенство во Австралија.

Фаворитската улога ќе му припадне на швајцарскиот ас, кој има серија од три последователни победи над Рафа. Во прилог на Федерер ќе биде и подлогата, на која има далеку поголем процент на победи, отколку на земјените терени.

Надал игра во одлична форма, па се очекува нов тениски спектакл на двајцата најголеми тенисери во последните две децении. Финалето е закажано за вечерва со почеток од 21.00 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top