Фантастичната 2017 продолжува за Роџер Федерер, откако тој обезбеди финале на Мајами опен како 37. дуел со својот стар ривал Рафаел Надал.
Репризата од финалето на Австралискиот опен стана можна откако Федерер имаше епска победа во полуфиналето над Австралиецот Ник Киргиос од 2-1 (7:6, 6:7, 7:6) во сетови. До 15-тата победа оваа година Швајцарецот стигна по 3 часа и 15 минути игра за во недела да игра за својот трет трофеј во 2017, по Мелбурн и Индијан Велс.
– Чувството беше навистина добро. Ретко можеш да играш меч со три тај-брејка, што е посебно тешко. Се обидов да се борам до крај и немам шанса често да го покажам овој борбен дух – изјави Федерер.
Во полуфиналната пресметка имаше од се по малку. 35-годишниот Федерер беше прецизен и со многу малку грешки, а вистинското изненадување беше Кирјиос, со својата стабилна игра и со многу добри удари. Федерер требаше да ја заврши работата порано откако имаше две меч-топки во тај-брејкот во вториот сет, за еден час подоцна да се најде на два поени од пораз во одлучувачкиот тај-брејк.
Федерер ќе игра за прва титула од Мајами од 2006, кога во финалето го победи сегашниот негов тренер Иван Љубичиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.