| четврток, 6 декември 2018 |

Најавена нова словачка инвестиција во Велес

cadiev

Во индустриската зона „Мамутчево“ кај Велес наскоро е можно да започне изградба на нова странска инвестиција – прва гринфилд  словачка инвестиција во Македонија.

Ова на денешната  прес-конференција го соопштија градоначалникот на Велес Славчо Чадиев и неговиот гостин амбасадорот на Словачка во Македонија, Мартин Безак, кој тоа го изјави при неговата денешна прва официјална посета на Општина Велес.

– Планираме инвестиција затоа што оваа индустриска зона има поволна географска положба и инфраструктура, а со неа би се добиле и неколку стотина нови вработувања – најави амбасадорот Безак.
Амбасадорот Безак воедно информира дека потоа е можно и збратимување на градот од Словачка од каде што доаѓа инвеститорот со Велес, а за што и денеска, меѓу другото, разговарале со градоначалникот Чадиев.
– Словачка и Македонија имаат  многу заеднички допирни точки и долга соработка. Да потсетам дека токму на територијата на Словачка во 9 век, почнала Моравската мисија на сесловенските браќа св. Кирил и Методија, а ние сме словенски народи со сличен јазик и менталитет. Воедно, имаме и добра економска соработка да потсетам дека  една словачка фирма го реновира затворот во Идризово, словачка фирма испорача 150 товарни вагони за Македонија, а сладот за пивото на „Скопска пивара“ се произведува во нашата земја- потсети амбасадорот Безак.
 Словачкиот амбасадор за време на престојот во Велес посети и културно–историски знаменитости во градот, а беше во обикола и на индустриската зона „Мамутчево“ каде е планирана словачката инвестиција.
 Чадиев рече дека ќе информира за инвестицијата откако ќе се потпише договорот со инвеститорите од Словачка, што се очекува наскоро.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top