Со ревија на дизајнерката Јована Филиповиќ вечерва се отвора 15. јубилејно издание на Моден викенд Скопје кој ќе трае од денеска, 31 март до 2 април. Ревиите ќе се одржуваат во салонот на „Порше Македонија“.
Под мотото „Чиста индивидуалност“ (Pure individuality) на пистата на Моден викенд-Скопје ќе се појават вкупно 17 имиња.
Првпат на Модниот викенд-Скопје ќе ја видиме Емира Имери со колекцијата „Heyoka” за пролет/лето 2017 година. Вечерта ќе ја заокружи колекцијата на „Alshar“ под името „Out od Africа“.
На втората вечер ќе биде претставена групната ревија на 15 студенти од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет Р. Македонија наречена „Шик-шок-ефект“. Првпат во рамките на оваа организација ќе се претстави и „Atelier Kocareva“ со колекцијата „History is written by the winners“, а потоа и „Marsin“ со колекцијата „Bond lady“.
Дизајнерката Ирина Тошева на 1 април ќе ги покаже своите најнови креации со кои „има цел да ја подигне јавната свест за актуелно насушната потреба за грижа кон животната средина и покажување поголема љубов кон природата“.
На последниот ден на пистата ќе продефилираат дизајните на Сара Реџиќ и етикетата „Елези“.
На последниот ден од Скопскиот моден викенд тројцата избрани финалисти од неодамнешниот натпревар „Fashion Scout SEE“: „Victor Kaiser“, „Shaleva Couture“ и „Ана Марија“ ќе ги покажат своите креации и пред македонскиот народ, откако веќе на 28 овој месец тие премиерно ги претставија на Белградската модна недела.
Викендот посветен на модата ќе биде заокружен со настапот на студентите од „Институтот за дизајн и инженеринг на текстил“ на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ во Скопје, кои се под менторство на дизајнерката Лидија Георгиева.
На насловната фотографија за оваа сезона се заштитните лица моделите Симона Ангеловска, Ања Шарановиќ и Викторија Ристовска од модната агенција „Подиум“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.