На претпоследниот ден од шеснаесеттиот Моден викенд Скопје, вчеравечер во „Скопје Мериот Хотел“ беа прикажани најновите колекции на ателјето „Алшар“, „Валоне фешен груп“ српската дизајнерка Ана Трошиќ Трајковиќ и „Шалева котур“.
Колекцијата “Калеш Анѓа“ која ја потпишува Силвија Миха од ателјето „Алшар“ е инспирирана од истоимената книга на Столе Попов и македонските револуционери, особено од жените и нивната борба за слобода и личен избор.
– Кроевите и формите на креациите се инспирирани од македонските носии и облеките на нашите револуционери но претставени со асиметрични и авангардни форми, често со изразен волумен и суптилни детали од македонскиот фолклор – вели Миха.
Косовската модна куќа „Валоне фешен груп“ која станува редовен учесник на Моден викенд Скопје, во најновата колекција за есен-зима, 2017/2018 носи модели составени од вечерни тоалети и венчаници.
Српската дизајнерка Ана Трошиќ Трајковиќ со колекцијата „42“ за прв пат се претстави пред македонската публика. Креациите се инспирирани од познатиот роман „Автостоперски водич низ галаксијата“ напишан од Даглас Адамс, па оттука 42, како одговор на прашањето за животот, универзумот и сѐ останато.
„Шалева котур“ ја прикажа најновата колекција „French elegance“ инспирирана од барокниот стил и француската мода со креации во црна боја и златни детали.
Во текот на вчерашниот ден беа одржани менторски сесии во рамките на „Програмата за поддршка и развој на мали и средни претпријатија во креативната индустрија“ која Моден викенд Скопје ја организирше со поддршка на Министерството за економија во Р. Македонија. Предавања одржаа Јована Зука, Анита Гај, „Ани и Дими“ и Елена Додевска на темите: „Што е стил и колку е важен за Вашиот бренд“, „Брендирање на производите“, „Важноста на фотографијата за модните брендови“ и „Основи на менаџментот во модата и упатства за започнување на бизнис и методи во производството“.
Целта на овој проект е менторство, промоција и демонстрација на креативноста на младите дизајнери на облека, обувки и галантерија пред општата јавност, медиумите, експертите, купувачите, со цел да се воспостави и да се зајакне нивниот бизнис преку заемно корисни контакти и соработка со крајна цел- подобра пазарна економија. Веруваме дека стратешкото негување на креативните индустрии во Македонија ќе помогне да се развијат растот на МСП и претприемништвото со што ќе се подобри бизнис атмосферата во регионот.
Шеснаесеттиот Моден викенд Скопје ќе биде затворен вечерва во „Иновативниот центар на Македонски Телеком“ со мултимедијална презентација на Ирина Тошева поддржана од topsi.mk.
фото: Дими и Ани
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.