| четврток, 6 декември 2018 |

Никовски: Гостувањето на Канал 77 беше мачење

Гостувањето на Канал 77 во саботата пред пладне, за жал, немаше ништо заедничко со новинарството , реагира  амбасадорот Ристо Никовски кој деновиве беше нападнат дека на интервју во радиото Канал 77 изразил желба водителот да ја изгуби работата .
Никовски објаснува дека  „интервјуто  било демонстрација на агресивност, нетолеранција, некоректност и  некултура на водителот. Ако се покани гостин во емисија, единствена цел може да биде да се чујат неговите мислења и ставови. Водителот може и треба критички да реагира и да дава контра аргументи. Слушателите се тие кои треба да ценат, одбираат, да се согласуваат или не, со едниот или другиот“, смета Никовски.
Во спомнатото интервју, водителот не дозволуваше да се одговори ниту на едно негово прашање туку наметливо инсистираше на сопствените ставови без можност да се води макар минимална полемика. Никовски додава дека поентите на водителот Саше Иванов  биле со крајно манипулативни тези така што тој наликувал на некаков партиски пропагатор од ниска категорија.
Точно во таков контекст, не знаејки дека разговорот сеуште оди во етер, најпријателски му беше сугерирано дека ако така продолжи, ќе биде исфрлен и од радиото. Конкретно, како шо може да се провери и на видеото на неговиот веб сајт, му беше речено – Ќе те истераат и од овде, бре човек. А тоа добро ли е? – праша Саше. Ако вака продолжиш, добро ќе биде, му беше возвратено со смеење, вели Никовски.
Ист е впечатокот и сега бидејки во целата емисија, во која беше вклучен гостинот, немаше никакво новинарство. Секој нормален уредник или газда, не би го дозволил тоа, колку и да е тоа провокативно. Кога во нешто нема новинарство, приказната за медиумот – завршува.
Во конкретниов случај, тврди Никовски гостувањето на Канал 77 беше мачење и малтретирање, без можност да ги искажеш мислите и оценките и додава дека доколку тој одлучувал за Канал 77, водителот или ќе имаше последна опомена, или ќе беше веќе надвор од програмата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top