| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва Влатко Стефановски и Биг Бенд на Словенечката војска со спектакуларен проект во Метрополис

Вечерва (19 април), во Метрополис Арена во Скопје, ќе имаме можност да го видиме Влатко Стефановски со уште еден негов спектакуларен проект, овој пат со Биг Бенд на Словенечката војска. Станува збор за исклучителен музички проект, уникатен од овој вид во целиот регион.

Специјално за скопскиот концерт, Влатко со Биг Бендот подготвуваат репертоар составен од некои од неговите најпознати композиции, но и познати фанк, џез и соул стандарди.

-Сигурен сум дека ќе бидете импресионирани од мојата нова музичка авантура и богатиот звук на извонредниот Биг Бенд. Не се во прашање чекорници и парадна музика, туку сериозни аранжмани за џез стандарди, инспирирани се разбира од традиционалната музика, вели Влатко Стефановски.

Пред две години диригентот на Биг Бендот на словенечката војска, Рудолф Гас го повикал Влатко Стефановски да биде гостин на нивниот концерт на Конгресниот трг во Љубљана. Стефановски признава дека на почетокот бил по малку скептичен, незнаејќи што тој откестар свири, но после првата заедничка проба останал „потполно фасциниран од звукот и професионализмот на оркестарот„.

Нивниот одличен концерт во Љубљана е забележан на CD и DVD, во издание на ЗКП Љубљана, на кои се изведуваат и песните “Gypsy Song”, “Јовано Јованке”, “Stratus”…

Тоа не е класичен воен оркестар, се работи за Биг Бенд кој свучи како секој голем џез Биг Бенд. Сите членови се извонредни инструменталисти и главно џез музичари. А нивната појава е навистина атрактивна бидејќи настапуваат во парадни униформи. Во оркестарот има и жени, кои се задолжени за пратечките вокали, објаснува Стефановски.

Инаку, веднаш по скопскиот концерт истата постава ќе ја види и публиката во Белград. На 21 април Влатко Стефановски и Биг Бендот ќе настапат во Сава Центар.

Концертот ќе биде дел од прославата на 25 годишнината на воспоставување на дипломатски односи помеѓу Словенија и Македонија, и ќе биде организиран во соработка со Амбасадата на Република Словенија во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top