ВМРО-ДПМНЕ вчера го објави „Патоказот“ како политички документ за наоѓање можни излези од политичката криза. Универзитетската професорка Тања Каракамишева-Јовановска него го гледа како документ на добра волја манифестирана од владејачката партија, од партијата која е победник не само на изборите на 11 декември, туку и на сите претходни во минативе 10 години, смета таа.
-Со овој документ ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш застанува во одбрана на државните и националните интереси на земјата преку сопствен недвосмислено изразен партиски став дека туѓи платформи или агенди креирани надвор од Република Македонија не можат да бидат основа за креирање политички институции во државата, и дека актот на прифаќање туѓи платформи оди директно на штета на сувереноста и самостојноста на Република Македонија како држава. Исто така, со овој „Патоказ“ ВМРО-ДПМНЕ дава јасно до знаење на сите граѓани, и на сите партии дека не се можни некакви нови планови за проширување на малцинските права надвор од стандардите утврдени во меѓународното право, и во Уставот затоа што е докажано и верифицирано од страна на сите меѓународни институции и органи дека малцинските права во Република Македонија се загарантирани нанајвисоко можно ниво и дека стандардите што постојат во Република Македонија се во согласност со сите европски и меѓународни стандарди што важат за малцинските права – смета Каракамишева-Јовановска.
Таа смета дека секое реотворање на ова прашање не оди во полза на соживотот и толеранцијата што меѓу македонските граѓани постои децении наназад, а кои како категории се уставно загарантирани. Таа смета дека секое барање нови и нови права надвор од стандардите има тенденција и капацитет да го наруши најголемото богатство на македонското општество – мултиетничноста и мултикултуралноста.
-„Патоказот“ упатува на фактот дека во државата постојат партии кои имаат внатрешен капацитет да пронајдат политички одржливи решенија, дека не ни се потребни разни замешатели и странски претставници да дојдеме до конкретни решенија за надминување на кризата само ако навистина постои добра волја од сите политички чинители. Ваквата афирмативна определба е врв на политичката зрелост на партијата ВМРО-ДПМНЕ која служи за пример како на конкретен начин се манифестира добра волја, и како се подава рака на политичкиот конкурент со цел смирување на политичките тензии во земјата -вели Каракамишева Јовановска.
Прфесорката вели дека ВМРО-ДПМНЕ манифестира висок степен на зрелост и политичка одговорност во моментите што ги живееме. Таа додава дека партијата покажува висока политичка свест дека државата мора да излезе од длабоко закопаните политички ровови меѓу партиите и дека на политичката сцена е потребно да се создаде клима за наоѓање вистински и праведни политички решенија во интерес за сите македонски граѓани кога се работи за прашања од висок национален и државен интерес.
– Посебно го ценам делот од „Патоказот“ каде што ВМРО-ДПМНЕ без ракавици, отворено прашува дали има опортуност и потреба воопшто да постои принцип на два изборни победника. Уште кога се воведе овој принцип кажав дека истиот е спротивен на изборната практика, дека на избори има само еден изборен победник, и дека преку овој принцип се повредува унитарниот карактер на државата, затоа што во унитарна држава има само еден изборен победник, не може да има два победника, а уште помалку може да има два победника од различни етнички кампуса во услови на мултиетничност на државата – смета Каракамишева-Јовановска.
Таа вели дека овој беше и сѐ уште е неправичен, недемократски и е спротивен на Уставот на државата. Смета дека се коси со сите изборни стандарди што се применуваат во политичките системи од унитарен вид. Каракамишева вели дека сосема легитимни и барањата да се постигне консензус околу тоа која партија го определува претседателот на Собранието во Република Македонија.
-Во овој момент на релативизирање на политичките принципи и правила, кога буквално се уриваат сите досегашни политички практики со ниет да се воспостават сосема нови, со некакви вештачки постизборни и политички инжинеринзи кои се непознати во нашата демократска политика, државата може да ни киниса, целосно да ни забега во неповрат. Токму затоа алармот што го вклучува ВМРО-ДПМНЕ мора сериозно да биде сфатен и примен од сите, без разлика на која опција припаѓаат како граѓани или за која партија станува збор – вели Каракамишева-Јовановска.
Таа смета дека без јасни и чисти прави на политичката игра нема демократија, нема владеење на право, нема правна држава.
-Без јасни и чисти правила и без поредок ќе завладее хаос и анархија во државата од која никој нема да има фајде, затоа што буквално секој ќе си ја земе правдата во свои раце, што како сценарио е најлошо и од никого не е посакувано – завршува професорската Каракамишева-Јовановска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)