| четврток, 6 декември 2018 |

Охриѓани масовно на улиците порачаа: Ние си ја сакаме државата за која животот го дале нашите предци

Со марш и патриотски песни вечерва продолжија протестите на поддржувачите на движењето „За заедничка Македонија“ во Охрид. И денеска протестот започна од плоштадот кај Охридската гимназија, по што учесниците продефилираа по улицата „Димитар Влахов“ и булеварот „Македонски просветители“, од каде низ чаршијата се упатија на главниот градски плоштад „Св. Климент Охридски“.

Мирче Аврамоски, македонски иселеник во Австрија, во име на учесниците на маршот изрази незадоволство од наметнување програми, документи после избори.

– Препорака до сите партии во Парламентот да видат што се случува на улиците и да се замислат посериозно, да ја отфрлат тиранската платформа и да се реши кризата, истакна тој.

Теодора Дичоска, естраден уметник, рече дека нема да се дозволи преминување на македонската црвено-жолта линија.

– Ние си ја сакаме нашата земја онаква каква што е, за која животот го дале нашите предци. Ќе се радуваме преку македонската песна, преку неа ќе тагуваме, македонската песна ќе ја пејат за навек нејзините синови и ќерќи, рече таа.

Движењето „За заедничка Македонија“ се противи на платформата на политичките партии на Албанците со која, според нив, се предвидува воведување двојазичност на територијата на целата држава и други законски измени што го загрозуваат унитарниот карактер на државата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top