| четврток, 6 декември 2018 |

Младинците продолжуваат во одличен ритам, совладана Бугарија како најава за Европското првенство во Полска (видео)

Репрезентацијата до 21 година која ќе патува на Европското првенство (ЕП) во Полска извојува нова победа, откако во Скопје во пријателски меч со минимални 1-0 ја совлада Бугарија.

radevski

Мечот почна со доминација на македонските фудбалери, а првата посериозна шанса ја промаши Радески, кој одлично беше исфрлен зад противничката одбрана, но шутираше високо над голот. Бабунски и Николов доминираа на средината на теренот, па Македонија целосно го диктираше темпото. Се создаваа и шанси пред голот на гостите, но обидите беа непрецизни се до 42. минута, кога Радески повторно доби топка зад противничката одбрана, но овојпат офанзивецот на Шкендија одлично се снајде и ја донесе Македонија во водство.

makedonija u21

Двајцата селектори во второто полувреме им дадоа шанса и на дел од своите помлади фудбалери, што придонесе да падне и темпото на игра. Бугарија првпат посериозно се закани во 83. минута, кога гостите по еден „скратен корнер“ биеја за малку непрецизно, а во 86. минута Македонија доби идеална шанса да постигне и втор гол откако судијата Јакимовски покажа на белата точка по играњето со рака на еден од бугарските дефанзивци. Петар Петковски ја превзеде одговорноста, но фудбалерот на Вардар биеше многу слабо, директно во средината, по што гостинскиот голман го одбрани неговиот пенал.

Мечот сепак заврши со триумф на Македонија, апсолутно заслужен, откако избраниците на Боби Милевски уште еднаш покажаа беспрекорна игра во одбраната што сигурно уште повеќе ќе ја зголеми довербата пред настапот на ЕП и дуелите со Шпанија, Србија и со Португалија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top