| четврток, 6 декември 2018 |

Казни и до 250 евра за велосипедисти: Овие законски правила треба да ги знаете за да возите велосипед!

Првото сонце традиционално го означува почетокот на сезоната за возење и изнајмување велосипед.

Законските правила за учествување во сообраќајот со велосипед се уредени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Непридржувањето на овие правила се санкционираат со глоби од 50 до 250 евра.

Возрасна граница за управување велосипед на пат

Велосипед на пат може да управува лице кое наполнило десет години возраст. Во зона на смирен сообраќај велосипед може да управува лице до десет години возраст во придружба на лице постаро од 16 години. Прекршочен платен налог со глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се издаде на родителот, односно старателот кои постапуваат спротивно на овие правила.

Вклучување во сообраќајот

Возачот на велосипед , кога се вклучува во сообраќајот од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или предмет или ако видливоста му е намалена, е должен да го турка велосипедот при вклучување во сообраќајот. Постапувајќи спротивно на ова правило може да ве чини глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.

Ограничување на брзината при движење по велосипедска патека и лента

Возач на велосипед кога се движи по велосипедска патека и лента не смее да ја надмине брзината од 25 км/h.

Употреба на светла во сообраќајот

На велосипедот задолжително треба да има светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптeр со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна и по еден катадиоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна. Предвидената глоба е 50 евра во денарска противвредност.

Правила на движење

Возачот на велосипед  е должен да се движи што поблиску до десниот раб на коловозот, а ако постои велосипедска патека – по велосипедската патека, односно лента. Ако двајца или повеќе возачи на велосипед се движат во група се должни да се движат еден по друг. Ако на патот постои посебно уредена велосипедска патека, возачот на велосипед се движи по десната велосипедска патека во однос на правецот на движењето на сообраќајот.

На велосипедски патеки уредени и обележани за сообраќај на велосипеди во двете насоки, истите се движат по десната страна во правецот на движењето на возилата.

Возачот на велосипед и на велосипед со помошен мотор, мопед може да се движи само по оние сообраќајни површини каде што е дозволено движење со такви возила и не смее да се движи по велосипедска патека, односно лента со брзина поголема од 25 km/h.

Возачот на велосипед е должен да управува со велосипедот на начин на кој не се намалува стабилноста на велосипедот и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот.

Доколку не се почитуваат овие правила предвидена е глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност.

Заштитен шлем и рефлектирачки елек

При регулирање на ова прашање законодавецот дава препорака за носење заштитен шлем на главата за време на возењето на патот и рефлектирачки елек во услови на намалена видливост. Елекот и шлемот не се задолжителни и за нив не е предвидена глоба.

Превезување предмети и водење животни

На велосипед не смеат да се превезуваат предмети пошироки од еден метар.Исто така возач на велосипед за времето додека управува со велосипедот не смее да води животни.  Предвидена е глоба од 50 евра во денарска противвредност.

Забрани за движење 

По автопат, експресен пат и на пат резервиран за сообраќај на моторни возила, не смеат да се движат велосипеди. Предвидена е глоба од 50 евра во денарска противвредност.

Превоз на деца на велосипед

На велосипед смее да се превезува дете до осумгодишна возраст, ако на велосипедот се вградени едно или повеќе посебни седишта пред или зад возачот.Предвидена е глоба од 50 евра во денарска противвредност.

 

извор: Правдико

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top