Движењето БЕСА соопшти дека нема да поддржи Талат Џафери да биде кандидат за претседател на Собранието на РМ зашто смета дека кандидатурата е наметната. Предлогот, наведува движењето БЕСА, е на тројката СДСМ-ДУИ-Алијанса на Албанците, доставен денеска во Собранието и јавно соопштен.
БЕСА посочува дека имале нивни предлог-кандидат „со кредибилитет и без корупција, криминалност и прекршување на законот“ и тоа го направиле, како што наведува, „во име на перспективата на земјата и на реформските и интеграциските процеси“, но нивниот предлог не бил земен предвид од трите наведени партии. Тоа, според БЕСА, значи дека меѓу кандидат на БЕСА и на ДУИ, СДСМ одлучил да биде со ДУИ.
– Ако со ДУИ почнува првата алка на реформите, тогаш ви благодариме но ние не сме за такви реформи. Партијата што десет години по ред му служеше на Никола Груевски и заедно со него се главните виновници за оваа криза, кои зад себе оставија монтирани политички процеси, сиромаштија, иселување, оддалечување од евроинтеграциските процеси, „Скопје 2014“ и др., не може да донесе реформи. Ако ние и притоа веруваме дека тие може да бидат реформатори, ова значи дека не си веруваме ни самите себеси, истакнаа од БЕСА на прес-конференција во Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.