| четврток, 6 декември 2018 |

Неминовноста од избори

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Еврокомесарот за соседска политика, Јоханес Хан, и тројцата европратеници, при неодамнешната посета на нашата земја,  како на аргумент за разговорот со политичите партии го истакнаа постојниот нивен политички договор. Нешто што, сепак, останува нејасно.

За постигнатиот политички договор се наведува формално- правен аспект иако е потребно да се претпостави усогласеноста и во содржинаска смисла.

Би се очекувало, претпоставената правна рамка да биде вклопена во конституентите на општествениот поредок, во уставниот поредок и, потесно, во политичкиот систем, затоа што демократијата е процедура, се појдува од, најблаго кажано, несоответно толкување на уставните одредби. Односно дека изборот на Владата е можен ако мнозинството на пратеници во Собранието би  гласале позитивно. Поставувајќи ја улогата на Претседателот на државата при составот на Владата како необврзна.

Правото за определување на мандатот за состав на Влада, според чл. 84 од Уставот, меѓутоа, е неподелено право на Претседателот на државата . Навистина, според чл. 90 од Уставот Претседателот на Републиката е должен, во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Влада да го довери на кандидат на партија односно партии што имаат мнозинство, останува, и тоа како најважно, според чл. 87, дека Претседателот на Република Македонија, во вршењето на своите права и должности, дека е одговорен за кршењето на Уставот и законите. Впрочем, онака како што, според чл. 28 од Уставот на Република Македонија, одбраната на Републиката е право и должност и на секој граѓанин. Токму ваквата уставна определба го става Претседателот на Републиката пред одговорноста да ја процени содржинската страна на политичкиот договор на блокот партии кои претендираат на мандат за состав на Владата. Односно дека тој има одговорност да ја процени (не)уставноста на платформата за чие остварување се заложуваат овие партии кои претендираат на мандат.

Платформата е презентирана после изборите и наведува на накнадна дискусија, на Претседателот на Републиката како и на сите нас. И иако договорот со албанските политички партии, преку кој СДСМ ја прифаќа албанската платформа, не е јавно објавен и е нарушено правото на информирање на граѓаните, платформата е објавена. Нејзината суштина е позната а претставници на албанските партии говорат дека СДСМ истата ја прифатил.

Заложбите на Албанците со Тиранската платформа се да се именуваат како државотворна нација; уставно да се определи, покрај македонскиот јазик и неговото писмо, албанскиот јазик со неговото писмо како официјален јазик на државата; таквата државотворната позиција на албанскиот народ да се рефлектира во државните симболи; да се реши спорот со името и со албански претставници; да се соработува со Косово и Албанија за интегрирано гранично управување, што значи и потполно отворање на границите; а исполнувањето на овие цели да се следи преку организирање на тркалезна маса на албанските парламентарни партии преку која ќе се врши транспарентната комуникација со меѓународните партнери, барајќи ја подршката на ЕУ и меѓународните институции, и друго.

И што може, тогаш, Претседателот на Републиката, како и секој од нас, да прифати од оваа платформа, кога нејзината крајна цел е рушењето на уставниот поредок на државата?

Другиот аспект, во содржинска смисла, од претпоставениот мотив за разговори со политичките партии, на  договор на политичките партии што Еврокомесарот Хан и европратениците го посочуваат, не постои. Што говори јасно дека политички договор не постои затоа што прифаќањето на тиранската платформа е политички договор само за СДСМ и албанските партии.За победникот на изборите, ВМРО ДПМНЕ, платформата е неприфатлива и продолжително ја оспорува.

Секако, и накнадниот повик за дијалог како би се средиле внатрешните односи е вообичаен и, би рекле, рутински. На дијалог се повикуваат, покрај во соопштението за посетата, еврокомесарот Јоханес Хан и други политички претставници на ЕУ, посочувајќи дека со евентуалните нови предвремени избори резултатите би се повториле (на пример, според словенечкиот Претседател, Лојзе Петерле).

Поради очигледната неможност со дијалог да се надмине политичката криза поради, штетната за општеството, тиранска платформа, прифатена од СДСМ како програмска определба при коалицирањето за добивање на мандат за состав на Владата, како единствен конструктивен приод и можен излез да се бара во изборите во реалната ситуација во Македонија.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top