| четврток, 6 декември 2018 |

Себастијан Фетел победи на првата трка од новиот Формула 1 шампионат

sebastijan fetel

Себастијан Фетел триумфира на трката за ГН на Австралија на стартот од новата сезона во Формула 1. Возачот на Ферари зад себе го остави Луис Хамилтон кој стартуваше од пол-позицијата, како и вториот возач на Мерцедес, Валтери Ботас кој заврши на третата позиција на подиумот.

Решавачкиот момент на патеката „Алберт Парк“ во Мелбурн беше лошата проценка и тактичката грешка на тимот на Мерцедес кој го повика Хамилтон во боксот за промена на пневматиците уште во 18 круг, многу порано од другите возачи. Со овој потег, Хамилтон ја загуби лидерската позиција. Британецот се врати на патеката заглавен зад Макс Ферстапен, а во меѓувреме Фетел направи недостижна предност и стигна до триумф.

За германскиот возач во болидот на Ферари ова е прва победа од 2015 година, вкупно 43.во неговата кариера.

Хамилтон на крајот мораше да се задоволи со втората позиција, а подиумот го комплетира Валтери Ботас кој во Мерцедес сезонава дојде како замена за шампионот Нико Розбер и веќе на првата трка заврши во водечката тројка.

sebastijan fetel 1

Зад него остана неговиот сонародник Кими Раиконен кој вршеше силен притисок на Ботас, но младиот возач на Мерцедес беше поуспешен во финскиот дуел на патеката во Мелбурн.

Одново во проблеми со болидот на Мекларен беше тројниот шампион Фернандо Алонсо, кој не успеа да ја заврши трката.

Шампионатот во Формула 1 продолжува со трката за ГН на Кина што ќе се вози на 9 април во Шангај.

Пласман на возачите на трката за ГН на Австралија: 1. Себастијан Фетел (Ферари), 2. Луис Хамилтон (Мерцедес), 3. Валтери Ботас (Мерцедес), 4. Кими Раиконен (Ферари), 5. Макс Ферштапен (Ред Бул), 6.Фелипе Маса (Вилијамс), 7. Серхио Перез (Форс Индија), 8.Карлос Саинц (Торо Росо), 9. Дани Квајт (Торо Росо), 10.Естебан Окон (Форс Индија), 11. Нико Хулкемберг (Рено), 12. Антонио Џовинаци (Заубер), 13. Стофел Вандорн (Мекларен).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top