Ќе оствариме уште многу победи само со поголем ангажман на граѓаните, да излегуваат на улиците, како што тоа го правеа досега во огромен број и сум убеден дека овие три се само првите три победи. Имаме уште многу!
Ова на денешниот музички хепенинг во Градскиот парк во Скопје го порача еден од организаторите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски.
Потенцира дека досега, граѓаните преку масовните протести успеале да дојдат три победи, а тоа според него се, одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов да не го додели мандатот на СДСМ, одлуката на Иванов да не се сретне со еврокомесарот Јоханес Хан, туку местото да им го отстапи на членовите на иницијативата и неформирањето влада на 24 март, како што тоа претходно беше најавено.
– Доказ за тоа е одлуката на Претседателот Ѓорѓе Иванов да не го додели мандатот на луѓето кои што беа потписници на Тиранската платформа. Понатаму, при посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, Иванов одлучи не се сретне со него, туку го упати да се сретне со нас, како вистински делегати на народот кој што има свои барања и бара да биде слушнат. Третата победа беше токму вчера, 24 март, денот кога поддржувачите на Тиранската платформа и оние кои сакаат да ја преточат во програма за влада, најавија дека токму на 24 март ќе се формира влада. Тоа не се случи само благодарение на граѓаните кои секојдневно излегуваат масовно на улиците низ Република Македонија, истакна Илиевски.
Вели дека програмата за викендот, како и досега е поопуштена и порелаксирана, додавајќи дека младите поддржувачи на иницијативаат денеска цртаат цртежи инспирирани од Македонија.
-Имаме многу млади поддржувачи на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ кои денеска ќе цртаат транспаренти и цртежи и понатаму ќе одлучиме дали тие ќе ги поставиме. Како во сабота, така и во недела, програмата ни е поопуштена, а од понеделник ја почнуваме петтата недела, посочи Илиевски.
Еден од организаторите, Дарко Мијалковски истакна дека само со помош на граѓаните ќе ја зачуваме Македонија таква каква што е.
-Остануваме на нашите ставови, отфрлање на Тиранската платформа во целост бидејќи само тоа е начинот на кој што нашата татковина ќе можеме да ја зачуваме онаква какво што е, истакна Мијалковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.