Со премиера на Шекспировата „Сон на летната ноќ“, Театар Комедија в понеделник ќе одбележи пет години постоење. Роденденот на оваа национална установа се совпаѓа со Светскиот ден на театарот – 27 Март, кога во 2012 година беше изведена првата премиера „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски.
Оттогаш до денес Театар Комедија имал над 450 изведби, а одиграните претстави на овој, главно, млад ансамбл, ги виделе повеќе од 150.000 посетители.
– Овие факти, секојдневно полната сала на Театар Комедија, го оправда нашето очекување и нашата заложба за негово отворање како театар кој на публиката ќе и го понуди жанрот комедија. Покрај големата посетеност, театарот има и успешна меѓународна соработка, гостувања на режисери од странство и гостувања на фестивали, има и издавачка дејност, фестивал „Гола Месечина“, а овде се вработија и голем број актери, режисери и драматурзи, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција по повод петттиот роденден на „Комедија“.
Таа на вработените им посака успех и во наредните години и истакна дека изградбата на планираниот нов објект на истото место на кој е сегашниот, ќе им ги подобри условите за работа. Соопшти дека по неуспешните обиди театарот да се гради преку моделот јавно-приватно партнерство, обврската за негова изградба ќе ја преземе Министерството за култура и Владата на РМ и објектот ќе биде само за театар. За таа цел проектантската фирма ќе го доработи првичниот проект и очекува тоа да заврши до крајот на годината, а по изборот на фирма следната година театарот да почне и да се гради.
Директорката на Театар Комедија Јелена Жугиќ истакна дека за петте години постоење театарот се етаблирал на театарската сцена во Македонија.
– Ако потврда за важноста на постоењето на еден театар е неговата посетеност, тогаш Театар Комедија е на вистинскиот пат, рече Жугиќ, информирајќи дека „Сон на летната ноќ“, која е нивна 17-та премиера од постоењето, е прва од четирите кои за оваа година се одобрени од Министерството за култура.
Посочи дека со поставувањето на оваа комедија на Шекспир, театарот оваа година ќе се занимава со класичната комедија затоа што смета дека публиката на Театар Комедија веќе е подготвена да ја прими комедијата на малку поинаков начин.
Режијата на „Сон на летната ноќ“ е авторски проект на Театар Комедија и во неа игра речиси целиот ансамбл на овој театар, кој има 15-ина актери. Гостин во актерската екипа е и Ѓорѓи Јолевски од МНТ кој ќе го толкува ликот на Оберон – кралот на шумите и самовилите.
– „Сон на летната ноќ“ е меѓу најиграните комедии на Шекспир. Не е лесно еден млад ансамбл да се зафати со еден толку голем и значаен автор како што е Шекспир. Но, сметам дека направивме многу интересна претстава. Мислам дека успеавме да го допреме сонот, она што е, всушност, животот на секој актер и секој човек кој воопшто се занимава со професија врзана за театарот, а тоа е сонот, рече директорката на Театар Комедија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Култната „Викенд на мртовци“ премиерно на сцената на Ттеатар Комедија
-
По пауза од 25 години Коле Ангеловски повторно ја режира „Не сега, драга“, сега за шестиот роденден на Театар Комедија
-
Коле Ангеловски ја режира „Не сега, драга“ во Театар Комедија
-
Синиша Евтимов во Театар Комедија ја подготвува претставата „Жена ми се вика Борис“