| четврток, 6 декември 2018 |

По пауза од 25 години Коле Ангеловски повторно ја режира „Не сега, драга“, сега за шестиот роденден на Театар Комедија

„Не сега, драга“ од Реј Куни, а во режија на Коле Ангеловски е новата премиера на Театар Комедија. Претставата ќе се изведе утревечер, на Меѓународниот ден на театарот и на шестиот роденден на Театар Комедија.

Во комедијата играат Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Дарко Вељиќ, Едмонд Сотир, Кристина Ласовска, Жарко Димоски и Тања Мицков. Драматург е Дарко Јан Спасов, костимограф Раде Василев, а сценограф е Илина Ангеловска, која го направи и изборот на музикаа.

Режисерот Ангеловски на денешната прес-конференција истакна дека претставата може да се нарече и хотел „Македонија“. Приказната е за еден пратеник од Куманово кој доаѓа на состанок во Собранието на Република Македонија. Се сместува во хотел и има закажано љубовен состанок со секретарката на претседателот, а како пречка се појавува неговата сопруга.

– Оваа претстава ја правев пред околу 25 години во Драмскиот театар и тоа беше деби на Драган Сапсов-Дац. Тогаш се одиграа 250 репризи и се надевам дека и оваа претстава ќе има голем број репризи, нагласи Ангеловски, кој додаде дека актерите се фантастични.

Младата актерска екипа, Жаклина Петровска, Ева Скендеровска и Кристина Ласовска нагласија дека за нив е чест и задоволство што соработувале со, како што велат, доајенот Коле Ангеловски. Уживале додека ја подготвувале претствата и ги поканија посетителитеа да ја погледнат.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top