Абдула Оџалан, познат под прекарот Апо или претседателот Апо, роден на 4 април 1949 година, е курдски воен водач. Основач е на паравоената организација Работничка партија на Курдистан. Од 1999 година е во затвор на островот Имрал, во Мраморно Море. Тој признава дека РПК има терористички карактер и дека нејзините активности вклучуваат насилни методи, но и дека лично одобрувал организирани напади и погубувања на стотици илјади цивили, Турци и Курди.
Абдула Оџалан е роден во Омерлија, село во Халфети, во источниот дел на Турција. Откако завршил средно стручно училиште во Анкара, почнал да работи во Дијабекир, но набрзо бил преместен во Бакирој, Истанбул. Таму се запишал на Правниот факултет, но по само една година се префрлил на политички студии во Анкара.
Неговото, навидум, младешко менување на фокусот и преселбата од Истанбул во Анкара, го поддржала и го олеснила државата. Тој бил награден со стипендија иако бил во постари години и веќе бил регистриран дека учествувал во политички демонстрации. Исто така, за тоа му било и судно, јавниот обвинител барал највисока казна за него, но бил ослободен, секако, со помош на државата. Тој, всушност, бил испратен во Анкара за да предизвика поделба во воената група Дев-Генч. Претседателот Сулејман Демирел подоцна ќе зажали за таа одлука бидејќи ќе се покаже дека РПК е поголема закана за државата одошто е Дев-Генч.
Во 1973 година Очалан ја организирал групата АПОЏУ, маиостичка група која се обидела да спроведе социјалистичка револуција во Турција, а пет години подоцна за време на судирот меѓу левицата и десницата, кој ќе кулминира со државен удар во Турција, Оџалан ја основа Работничката партија на Курдистан и почнува војна против Турција за воспоставување независна курдска држава.
Многу турски новинари и истражувачи тврдат дека имаат докази оти Оџалан и неговата прва сопруга Кесире (која не е Курдијка) се членови на Националната разузнавачка организација (МИТ), но тоа досега не е потврдено.
Турција ја напушта во 1980 година по државниот удар што го извел генералот Кенан Ервен и заминува за Сирија. Тој се поврзува со признанието на ерменскиот геноцид, т.е. со курдскиот удел во него.
Турско-курдскиот судир
Во 1984 година РПК почнува вооружена кампања против владините сили во Турција за да издејствува независност на Курдистан и многу брзо добива углед на воена сила. Нејзините насилни методи ја ставија на листата на САД, ЕУ и НАТО на терористички организации.
Апсење
До 1998 година Оџалан дејствува од Сирија, но, како што се вжештува ситуацијата, Турција сериозно ѝ се заканува на Сирија поради поддршката на РПК, па Оџалан е присилен да ја напушти земјата. Прво заминува за Русија, а оттаму се сели во повеќе земји. Извесно време дејствува од Италија и од Грција.
Во 1998 година Турција ќе побара да ѝ биде испорачан, но во тоа време негов бранител е германската адвокатка Брита Бохлер, која тврди дека тој води легитимна борба против репресија на Курдите. Уапсен е во Кенија на 15 февруари 1999 година додека се префрлал од грчката амбасада на меѓународниот аеродром во Најроби, во операција која ја извела турската разузнавачка агенција МИТ.
Неговото апсење предизвика бројни демонстрации на Курдите во светот, кои се спроведуваа пред грчките амбасади во земјите. Многу грчки амбасади тогаш беа заземени од демонстрантите.
За време на летот од Кенија во Турција во видеопорака изјавил дека неговата мајка има и делумно турско потекло, така што е подготвен да ѝ служи и на Турција на кој било начин.
По апсењето Оџалан отслужува казна доживотен затвор иако е осуден на смртна казна бидејќи смртната казна е укината во Турција во 2010 година. На островот Имрали во Мраморно Море единствениот затвореник изолиран во самица го чуваат околу 1000 турски воени службеници.
Во 2009 година турските власти објавија дека ќе го префрлат во нов затвор на островот и дека со тоа ќе заврши неговата казна самица. Во новиот затвор ќе ја дели судбината со други припадници на својата партија, а ќе може да се гледа со нив 10 часа неделно.
Политичко решение
Спротивно на борбата што ја води пред апсењето, по апсењето Оџалан ја менува својата идеологија под влијание на западните социјални теоретичари кои ги чита во затвор. Почнува да се залага за мирно решение до кое ќе се дојде по политички пат. Во март 2005 година ја издава Декларацијата за демократски конфедерализам во Курдистан, во која бара формирање безгранична конфедерација на курдските региони во Турција, Сирија, Ирак и во Иран. Во таа зона би се применувале европски, турски, сириски, ирански, ирачки и курдски закони. Неговото идеално општество е „демократски конфедерализам“. Често ја повикува РПК да прекине со огнот и да бара мирно решавање на курдското прашање и дека е многу важно да се изгради демократска унија меѓу Турците и Курдите. Сепак, во 2010 година го менува курсот и изјавува дека ги напушта обидите за дијалог бидејќи процесот „веќе не е значаен или корисен“.
Борбата на Абдула Оџалан и самиот Нелсон Мандела, преку својот адвокат, ја изедначува со својата „борба за својот народ“. Адвокатот на Мандела во една посета на Турција ќе рече дека и двајцата биле уапсени на сличен начин и затворени на острови, а курдскиот водач дури бил и поизолиран од Мандела. Во 2007 година адвокатите на Оџалан тврделе дека лабораториски испитувања на неговата коса покажуваат високо ниво на отровни метали, но лекарскиот тим на турската влада не утврдил дека Оџалан е во опасност.
Во 2008 година Оџалан бара 20 илјади евра од Грција, во спор во кој ја обвинува за учество во неговото апсење. Адвокатката на курдскиот водач тврди дека Атина му гарантирала заштита иако грчката влада ги отфрлила обвинувањата на Турција за поддршка на Оџалан. Грција се брани дела дејствувала во хуманитарни цели и одбива да признае дека им помагала на бунтовниците, иако подоцна ќе им даде азил на двајца помагачи на Оџалан.
Подготвила Катерина Мититќ
Текстот е објавен во рубриката Велепредавниците во историјата во 238 број на неделникот Република, 24 март 2017 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Историјата поделена – Димитриос Гунарис предавник или жртвено јагне (Велепредавници во историјата)
-
Хусеин Хакани – човекот што го понижи Пакистан и им помогна на САД да го елиминираат Бин Ладен (Велепредавници во историјата)
-
За три месеци во САД го сменил мислењето за татковината – Мордехај Вануну (Велепредавници во историјата)
-
Обвинет, па рехабилитиран – Ја предаде ли Вернер Теске поствоена Германија? (Велепредавници во историјата)