Петра Канг (Јунг Кјоунг – Сеон) живее и работи во Македонија, таа е мајка и сопруга на Јин Пил Канг, бизнисмен, кој од 2005 година работи во земјава. Петра ја сака македонската поезија и за „Република“ открива дека токму Охридско Езеро ѝ е инспирација да напише и своја. Сака да готви македонски јадења и слободното време да го поминува на Матка. За македонскиот народ вели дека е народ со топла душа, народ што сака да ужива во животот. Иако е од Јужна Кореја таа вели дека тука има пријатели од сите возрасти и дека овде луѓето секогаш се подготвени да помогнат. Како мајка, која своите две од четири деца ги има родено во Македонија, Петра вели дека таа веќе се чувствува како Македонка
Кога прв пат дојдовте во Македонија?
Во Македонија дојдовме во 2005 година, професионалниот пат, односно бизнис-соработката на мојот сопруг нѐ донесе во земјава. Сепак, тоа набрзо заврши, па меѓу размислувањата дали да се вратиме назад или да останеме во Македонија, решивме да живееме тука. Мојот сопруг, секогаш воден од вербата во бога, сметаше дека во животот сѐ се случува со причина и дека бог нѐ донесе на овој пат. Затоа во тој период ние со две мали деца и третото на пат решивме да ризикуваме, да почнеме свој бизнис овде и да ја прифатиме Македонија како наша земја.
Доаѓате од земја со различна култура и традиција од Македонија. Како успеавте да се адаптирате на животот овде?
Не е толку поинаку. На почетокот кога од таму ја анализирав работата, мислев дека ќе доживеам културен шок, во смисла различни луѓе, навики, начин на живеење. Но кога дојдовме сфатив дека не е така, токму спротивното. Запознав топли луѓе, кои навистина знаат и сакаат да помогнат.
Дали ова значи дека Македонецот знае да подаде рака кога е потребно?
Токму така. Ние имаме многу пријатели овде, буквално од секоја возраст. Една од најдрагите ни е и пријателката што има 72 години. Луѓето што работат со сопругот, моите колеги од работа, соседите, од сите на некој начин сме добиле помош кога ни било потребно. И за грижата околу децата и професионално, со нив минуваме многу значајни моменти од нашиот живот, заедно сме на празници, прошетки. Тука има такви луѓе што знам дека во кое било време од денот да ги побарам веднаш ќе дојдат да ми дадат поддршка и да ми помогнат. Знаете, луѓето овде знаат да живеат, кај нас сѐ се прави однапред испланирано, додека тука се има впечаток дека луѓето уживаат во својот живот. На моите во Кореја најчесто им велам вие треба да научите гледате на животот порелаксирано, токму како македонскиот народ, од друга страна, пак, на пријателите од Македонија знам да им кажам дека премногу отпуштено гледаат на важни прашања, најчесто клучни за нивната иднина, што и не е секогаш толку добро.
Ги споменавте празниците, како едно семејство од Јужна Кореја ги поминува тие значајни моменти овде?
Јас ги почитувам македонската традиција и култура. Христијанка сум и морам да признаам дека ми се допаѓа како луѓето овде ги празнуваат празниците. Еве на пример за Велигден станувам рано и го вапсам првото велигденско јајце. Обичај, кој, ако имаш желба и верба го применуваш бидејќи не секој сака да се разбуди уште пред да изгрее сонцето и да вапса јајце. Дома го славиме и Божик, применуваме наши обичаи, но го почитуваме и начинот на кој се прави тоа овде.
Ја сакате ли македонската традиционална кујна?
Во Македонија има многу убава храна, го сакаме кочанскиот ориз, киселата зелка, покрај корејските јадење знам да зготвам и мусака, сарма, тавче-гравче.
Предавате на Универзитетот „Блаже Конески“, отсек филологија. Која е Вашата оцена, имаат ли Македонците интерес да го изучуваат корејскиот јазик?
Лектор сум на катедрата за корејски јазик и литература на Филолошкиот факултет. Ако споредиме со Бугарија и со Грција, каде што корејскиот јазик се изучува и во гимназии, интересот е помал. Но и во Македонија има студенти што сакаат да го научат јазикот. Не е толку тежок и во споредба со македонскиот ние имаме азбука со 24 букви, која може да се научи многу брзо. Ако се има волја и многу се посакува сѐ е возможно. Ние секоја година подготвуваме студенти да одат да го изучуваат јазикот во Кореја, тоа е како еден вид стипендија, одат на шест месеци и се враќаат назад. Секако, подобро би било доколку Македонија и Кореја имаат воспоставено подобри дипломатски односи, во смисла амбасада или конзулат, но тоа засега не е реализирано.
Вие солидно зборувате македонски јазик, беше ли тешко да се научи?
Да, но преку комуникација и обврската да се напише магистерската на матичниот јазик на земјата во која живеете, тогаш сѐ се учи. Јас, искрено, многу сакам да читам, имате многу убава македонска поезија, сакам да разговарам со луѓето на повеќе теми и така собирам информации, учам зборови, дури и кога се возам во такси почнувам разговор бидејќи знам дека тоа повторно ќе ми овозможи да научам нешто ново.
Имате ли слободно време да ја истражите Македонија?
За разлика од мојот сопруг, кој сака да ги истражува македонските манастири, јас имам помалку слободно време за релаксација бидејќи се грижам за моите четири деца. Сепак, како мое омилено место можам да го издвојам Охрид. Градот освојува на прв поглед. Сакам да поминувам време покрај езерото, ме смирува, ми дава некој внатрешен спокој и најчесто ме инспирира да напишам некој убав збор бидејќи пишувам и поезија, а овој град, навистина, е извор на инспирација. Инаку, додека сум во Скопје сакам времето да го минувам на Матка и во „Марков манастир“, таму често знаеме да си направиме излет.
Ви недостига ли Вашата родна земја?
Не, јас овде, навистина, убаво живеам. Се чувствувам како Македонка. Мојот сопруг дури размислува и да почне процедура за државјанство. Две деца ни се родија овде, учат во македонски училишта и го зборуваат јазикот, имаат свои пријатели, свој живот. Иако понекогаш разликите во изгледот знаат да направат да се почувствуваш поинаку, посебно кај моите деца бидејќи се единствени во училиштата во кои учат, сепак со добар совет од дома да отворат срце за пријателства и со топлината и со поддршката што се трудиме да им ја дадеме со сопругот, сѐ се надминува. Навистина, досега не сум почувствувала носталгија за дома.
Значи ли ова дека Вашите планови се да останете да живеете во Македонија?
Да, доколку не се случат несакани работи, кои би нѐ натерале да се вратиме назад, посебно на професионално ниво бидејки финансиите се важни за секое семејство. Но, ние немаме план да го напуштиме овој наш дом.
Пишува: К.Н.К
(Тесктот е објавен во 238 број на Неделникот „Република“)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката
-
Тарик Филиповиќ: Жив актер на сцената сѐ уште е мамка за луѓето да доаѓаат во театар
-
Аница Добра, актерка: Навистина ја имам најдобрата професија на светот!