Следните редовни парламентарни избори во Албанија треба да се случат на 18 јуни оваа година доколку владата на Еди Рама не поднесе оставка или не закаже предвремени избори поради протестите на опозицијата. Според рејтинзите, засега Социјалистичката партија на Рама, односно коалицијата што ја предводи поранешниот градоначалник на Тирана, не може да обезбеди чиста победа за да формира влада во јуни. Причината е зголемениот рејтинг на Демократската партија на Љуљзим Баша, но и лидерот на Социјалистичкото движење на Илир Мета, кој, иако сега е во владината коалиција, испраќа сигнали дека би можел да ја промени страната ако добие соодветни бенефиции од демократите.
Единствен начин за Еди Рама да ја обезбеди победата во јуни е да ангажира меѓу 50 и 100 илјади луѓе од албанската дијаспора, кои би гласале за него на изборите во Албанија. Искуството со албанските гласачи во Кичево, кои пред четири години му ја донесоа победата на ДУИ, му дава надеж на Рама дека тој модел може да биде искористен и на парламентарните избори во Албанија. Со подготовката на тиранската платформа и ангажманот во Македонија, Рама веќе направи огромен чекор во правец на обезбедување на потребните гласови.
Следен чекор е доделување државјанство на голем број Албанци од Македонија и од Косово кои би го дале својот глас за Рама (иако познавачите тврдат дека овој процес е во тек интензивно последните десетина месеци). Во спроведувањето на оваа операција Рама веќе има добиено поддршка од своите идеолошки партнери во регионот, а до јуни има доволно време за сите што добиле или од сега ќе добијат албански пасоши да бидат запишани во гласачкиот список, односно да добијат право на глас, што не е проблем затоа што тие со добивањето на државјанството ќе ги имаат сите права како и останатите албански граѓани.
Има ли зголемена фреквенција на патници кон Албанија и кон Косово?
Со оглед на тоа што меѓу Македонија и Албанија нема голема вонредна комуникација, особено не надвор од летните месеци, лесно може да се утврди дали меѓу двете земји има зголемен сообраќај и премин на македонски граѓани на албанска територија (или преку Косово), со што ќе се види дали планот на Рама веќе е функционален. Добро информирани албански извори велат дека опремата на албанското Министерство за внатрешни работи кое, како и во Македонија, е надлежно за издавање пасоши и канцеларијата на претседателот на Република Албанија, Бујар Нишани, работат со полна пареа веќе подолго време. Досега, според непотврдени информации, се сликани најмалку 50 илјади лица кои што веќе добиле или треба да добијат пасоши на Албанија и во јуни да го дадат својот глас, за кого ако не за сеалбанскиот лидер Еди Рама.
Во Албанија има единство за издавањето пасоши
Во спроведувањето на својот план Рама не треба да очекува никакви проблеми од својот најголем ривал – Демократската партија – затоа што токму таа во 2013 година го донесе законот со кој се олеснува издавањето албанско државјанство за Албанците во дијаспората. Иако претседателот Нишани е демократ, тој нема да прави проблеми затоа што тоа би било контрапродуктивно на идејата за сите Албанци со еден пасош што ја промовираше токму неговата партија. Дополнително, и демократите се надеваат дека со своите идеолошки партнери во регионот можат да добијат голем дел од новите гласови на изборите.
Растегливи критериуми за издавање пасош
Како практично се изведува планот за издавање албански пасоши за Албанците во Косово или во Македонија? Според албанскиот закон за државјанство, освен со раѓање или со престој, албански пасош може да добијат сите за кои ќе се утврди дека се од особен интерес за албанската држава на полето на науката, културата, политиката, економијата и спортот. За да може Нишани или комисијата формирана од него да даде зелено светло за новите пасоши, потребно е некоја институција, на пример, Министерството за култура, врз основа на дискреционо право на министерот или друг висок функционер да потврди дека одредено лице е заслужно за развојот на албанската култура и уметност. Со оглед на тоа што дефиницијата за развој на културата и на науката е прилично растеглива категорија, а притоа нема лимит колку вакви мислења можат да се предлагаат на годишно ниво, како и во сите други балкански држави, Нишани нема никаков проблем да потпишува укази за доделување албански државјанства.
Албанија не објавува кому дава пасоши
Според албанските закони, сите овие укази мора да бидат објавени јавно, односно на страницата на претседателот Бујар Нишани и навистина таму можат да се најдат дел од указите. Тоа што го прави планот на Рама изводлив, а притоа да не се привлече гневот на меѓународната заедница, која со ова ќе добие сигнал дека се работи за поттикнување на идејата за Голема Албанија, е необјавувањето на сите доделени државјанства. Па, така на веб-страницата на Нишани никогаш не беше објавено доделувањето државјанство на шесте лидери на движењето „Самоопределување“ од Косово, кои добија албански пасоши затоа што се од посебен „национален интерес“ за албанската држава. Овој пример покажува дека албанските власти објавуваат само дел од луѓето што добиле пасоши на оваа држава и дека е можно десетици илјади луѓе да добијат пасоши и да станат гласачи на албанските избори, а за тоа да знаат само десетина луѓе во соседна Албанија. Се разбира, Албанија во овој случај делумно ги користи искуствата, пред сѐ, на Бугарија, која агресивно издава пасоши за граѓани на Македонија, Србија, но и на Албанија.
Таулант Сефери Сулејманов
Најсвеж пример како функционира издавањето албански пасоши за Албанците во Македонија е случајот со младиот талентиран фудбалер Таулант Сулејманов, кој е роден во Куманово и нема никаква врска со Албанија, но во иднина ќе игра за Албанија место за македонската репрезентација. Како посебен национален интерес за Албанија, Таулант, кој сега го носи името Сефери, по кратка постапка добива албански пасош и веднаш ќе може да игра за репрезентацијата на Албанија до 21 година. Се разбира, случајот со фудбалерот Сефери, кој смета дека нема да ги оствари своите амбиции во македонскиот тим до 21 година иако тој ќе игра на Европското првенство во Полска во јуни, е сосема различен од десетиците илјади македонски Албанци што би гласале на албанските избори.
Додека за спортистите или за уметниците е логично и разбирливо да побараат и да добијат пасош на друга држава, сосема друга е приказната со доделувањето пасоши на туѓи граѓани поради политички причини. Со тоа само ќе се засилат конспиративните теории што ги слушаме со години, а според кои власта во Македонија се избира со косовски граѓани што имаат македонски пасоши и дека на Косово владата ја избираат истите луѓе што претходно ги избрале македонските градоначалници или пратеници.
Студија: Конфигурација на албанското државјанство на Балканот
„И покрај фактот што албанската држава е обиколена со повеќе од два милиона етнички Албанци во соседните држави Косово, Македонија, Црна Гора, Србија и Грција, режимот на издавање државјанство историски беше базиран на принципот на територија и престој, а не на етничка припадност, што е позитивно прифатено од меѓународната заедница, а дочекано со разочарување од Албанците што не живеат во Албанија“, пишува во анализата на младиот косовски доктор по политички науки од универзитетот во Единбург, Гзим Красниќи, кој дава најдобра слика за пристапот на албанската влада и на косовските институции кон можноста Албанците од регионот да имаат едно заедничко државјанство.
Сепак, како што забележува и Красниќи, овој тренд, со кој Албанија не е расположена да дава поголем број државјанства, завршува пред четири години кога и покрај стравот дека масовни државјанства за Косовците или за Македонците ќе ги засилат силите што сакаат формирање Голема Албанија, официјална Тирана ја почнува практиката на доделување државјанства што најтемелно ја спроведува Бугарија во Македонија и во Албанија, а на почетокот на векот и Македонија за своите сонародници во Албанија и на Косово.
„Законот за државјанство на Република Албанија од 1998 година дозволува двојно државјанство и содржи етноцентристички формулации и одредби (иако албанската држава повремено ги проширува некои од граѓанските права поврзани со образованието на своите сонародници во регионот). Сепак, со одлуката донесена во 2013 година албанската влада ги следи своите соседи при доделувањето државјанства за своите сонародници по етнички принцип и на албанската дијаспора. И покрај поразот на изборите во јуни 2013 година, владата во заминување на Сали Бериша на 3 јули го донесе декретот 554 во врска со Процедурите за признавање аквизиција на албанско државјанство од лица со албанско потекло, исклучувајќи ги граѓаните на Република Косово. Доколку ова владина одлука се примени, повеќе од еден милион Албанци во регионот (со исклучок на Косово) и во дијаспората ќе може да добијат албанско државјанство. И покрај тоа што одлуката е во сила, владата на социјалистите јасно даде до знаење дека нема намера да ја примени инсистирајќи дека прашањето на државјанство е регулирано со законот од 1998 година“, пишува Красниќи во својот труд објавен во јануари. И покрај тоа што вербално владата на Еди Рама тврдеше дека нема намера да го користи овој декрет, тој никогаш не го поништи иако за тоа нема никаква формална пречка ниту има потреба за ова прашање да одлучува албанскиот парламент.
(Текст објавен во 238. број на неделникот Република, 24.03.2017)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Органите на Приштина на Север од денеска не постојат: Протести во Митровица, градоначалниците поднесоа оставки!
-
Еди Рама им опцу на Србите (видео)
-
Милионски штети: Србија пресмета колку ќе изгуби поради блокираната трговија со Косово
-
Се одмаздуваат на Србија: Косово воведува 100 проценти царина на српската роба