Во рамките на прославата, на 24 март 2017, во Младинскиот културен центар, ќе се одржат неколку настани. Во 10.30 часот ќе почне Регионален форум на тема „Францускиот јазик, младите и можностите за работа“, што има за цел да го стави во фокус францускиот јазик како адут за професионалната иднина на младите во рамките на Балканот, но и да ги поврзе компаниите, институциите, универзитетите и училиштата во Македонија и во регионот.
Регионалниот форум на тема „Францускиот јазик, младите и можностите за работа“ опфаќа три тркалезни маси со реномирани учесници од Франција, Швајцарија, Бугарија и Македонија, а дел од нив се: Александар Хол од Стопанската и индустриска комора на Париз, Марија Никулеску, директорка на Високата франкофонска школа за администрација и менаџмент од Софија, Елен Фантини од Школата за инженери од Франција, Стефан Томажјан, вршител на должност при Амбасадата на Швајцарија, но и многу други кои ќе дадат свои излагања на три теми: францускиот, како јазик за меѓународна кариера, потоа францускиот како јазик за вработување на младите и на тема универзитетски франкофонски програми достапни во Европа.
Во 12 часот, во холот на МКЦ, Н.Е. г-дин Кристијан Тимоние, Амбасадор на Франција ќе има свое обраќање, а воедно ќе биде поставена изложбата на десетте најдобри учесници на фото-натпреварот „Освен тоа, зборувам и француски!“, при што ќе бидат доделени наградите на тројцата млади автори на најдобри фотографии, додека во 20 часот, во киното „Фросина“, концерт ќе одржи Шарл Батист, млад француски поп-пејач, чија кариера е во значителен подем.
Во најава на Празникот на Франкофонијата неколку дена порано, во Францускиот институт се одржа средба на новинарите со повеќе амбасадори од франкофонските држави на должност во Македонија.
Како домаќин, Н.Е. г-дин Кристијан Тимоние, Амбасадор на Франција, истакна дека Франкофонијата преку францускиот јазик ги обединува народите, културите и државите. Францускиот јазик ги соединува луѓето на 4 континенти и ги зближува луѓето од Европа, која се обидуваме да ја создадеме сите заедно. Истотака, Франкофонијата се однесува и на споделените вредности, како демократијата, која е патот по кој сите треба да одиме. Особено ми е драго што тоа го правиме во Македонија, бидејќи оваа земја во историјата беше средиште на многу конфронтации, а сега може да биде симбол на соединувањето и францускиот јазик може да има значајна улога во таа насока.
Понатаму, амбасадорот Тимоние потсети дека Францускиот институт (претходно Француски културен центар, н.з.) е отворен од 1974 година и дека поминал низ различни политички фази во државата, но отсекогаш бил носител на истите вредности, бидејќи меѓународната организација на Франкофонијата е голема во однос на разновидната културна и образовна практика.
Францускиот амбасадор нагласи дека Празникот на Франкофонијата се одбележува во сите нејзини димензии, и културни и образовни и економски. Меѓу другото, Тимоние најави и еден иден проект со кој ќе се направи попис на сите автори низ историјата на Балканот кои се изразувале и пишувале на француски јазик од почетокот на 19-иот век до денешно време, со цел да се покаже дека токму францускиот јазик имал значајна улога како носител на развојот и на слободната мисла.
Амбасадорот на Република Албанија Н.Е. г-дин Фатос Река, нагласи дека Франкофонијата е голема меѓународна организација во која членуваат народи и држави кои преку францускиот јазик споделуваат заеднички вредности, како што се мирот, демократијата, културната разновидност, заштитата на човековите права и заштитата на природната средина. Во франкофонскиот простор има околу 860 милиони луѓе што го зборуваат францускиот јазик, а Република Албанија е полноправна членка на меѓународната организација од 1999 година и повеќе од 10 отсто од населението го говори францускиот јазик.
Бугарскиот амбасадор Н.Е. г-дин Иван Великов Петков потсети дека Франкофонијата не е нешто апстрактно, туку реално постои во нас и околу нас. Појасни дека Бугарија е полноправна членка на Франкофонијата од 1993 година, од Самитот што се одржал на островот Маурициус. Бугарија го поддржала и приклучувањето на Република Македонија во организацијата на Франкофонијата.
Амбасадорот на Романија, Н.Е. г-дин Виорел Станила, рече дека за Романците е голема чест да се слави Франкофонијата, со оглед на фактот што таа е длабоко вкоренета во романското општество и традиција, како извор на разновидноста и на слободната мисла. Потсети дека како татко на Франкофонијата во Романија се смета Леополд Сенгор и дека негов споменик ќе биде поставен во Паркот на Франкофонијата во Букурешт. Романија работи и на развојот на регионалната и стопанската димензија на Франкофонијата.
Н.Е. г-дин Стефан Томажјан, вршител на должност во амбасадата на Швајцарија, го изрази задоволството што се дел од прославата на Франкофонијата во Македонија, бидејќи францускиот е еден од четирите официјални јазици во Конфедерацијата Швајцарија. Додаде дека францускиот е јазик на културата, на задоволството, на историјата, но и јазик на модерното и на иднината.
Заменик на Шефот на Канцеларијата за врски со Грција, г-ѓа Софија Гиоруку, потенцира дека Грција се приклучува кон сите вредности што ги промовира Франкофонијата. Од своја страна, Грција се залага за функционирање на меѓународната организација како земја-членка од 2006 година, а како земја-набљудувач од 2004 година, како една од државите што придонесуваат во буџетот на организацијата. Франкофонијата ја сметаат како еден привилегиран форум каде се состануваат 80 земји-членки од целиот свет. Претставничката на Грција извести дека една третина од Грците го зборуваат францускиот јазик.
Во име на земјата-домаќин, г-ѓа Наташа Хронеска, одговорна на одделот за Франкофонија при Министерството за надворешни работи на РМ, упати благодарност до сите франкофонски организации и институции кои постојат во Република Македонија, како Асоцијацијата на професори по француски јазик, Франкофонскиот клуб при Министерството за образование и други. Потсети дека Македонија е земја-членка на Франкофонијата од 2006 година, но францускиот јазик има долга историја, имајќи предвид дека пред стотина години Битола била градот на конзулите.
Во денешно време Франкофонијата во Македонија е вектор на идеи и простор на размена и соработка на проекти. Потенцира дека Република Македонија, и Министерството за надворешни работи, го поддржува изучувањето на францускиот јазик и неговото користење во администрацијата, за што изрази благодарност за курсовите што ги одржува Францускиот институт. Македонија го поддржува користењето на францускиот јазик во дипломатијата, но и кај младите во однос на стопанската размена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Во месецот на Франкофонијата: Проекција на филмот „Денес“ во Кинотека на Македонија
-
Изложба „Париски сигнатури“ за прославата на Франкофонијата во Македонија
-
Францускиот институт во Скопје организира голема регионална средба “Францускиот јазик во дигиталната ера“
-
Пијано рецитал на Мимоза Ќека во Созопол