| четврток, 6 декември 2018 |

Пијано рецитал на Мимоза Ќека во Созопол

Успешен соло-рецитал вчеравечер имаше нашата пијанистка Мимоза Ќека на Седмиот Фестивал на Франкофонијата што се одржува од 3-8 јуни во бугарскиот приморски град Созопол. На програмата беа исполнети дела од Морис Равел, Клод Дебиси и Франц Лист, а на бис беше изведено дело од македонскиот композитор Томислав Зографски. Настанот пред љубителите на музиката во Археолошкиот музеј во Созопол го отворија директорката на фестивалот Александрина Исајлова и директорот на нашиот КИЦ во Софија Васко Шутаров.
Мимоза Ќека е родена 1994 година, а пијано започнува да учи на петгодишна возраст. Основното и средното музичко образование го стекнува во ДМБУЦ “Илија Николовски Луј”, а во 2015 година дипломира на Факултетот за музичка уметност на одделот по пијано, во класата на проф.Тодор Светиев. Во моментов привршува со своите постдипломски студии под менторство на проф.Лилија Зилберштајн. Има настапувано на бројни концерти во Македонија, Србија, Франција, Италија и освојувано значајни државни и меѓународни награди. Соло-рециталот на Мимоза Ќека беше нејзино прво значајно претставување пред публиката во Бугарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top