Два месеци по иницијативата, нема никаков привид дека би можело преку ноќ, во екот на постизборната криза, политичките партии да се согласат за еден документ кој би претставувал македонска платформа. Во меѓувреме е сѐ поизразена потребата во општеството од неа.
Последното истражување на јавното мислење покажа огромна разлика меѓу она што е волја на граѓаните и тоа за што се залагаат сега веќе поголем број од пратениците. Анкетите покажаа дека повеќе од 80 проценти од граѓаните се спротивставуваат на реализацијата на тиранската платформа, додека, од друга страна, за 67 од 120 пратенички гласови таа е прифатлива уште пред првата собраниска седница, иако за неа немаат мандат од граѓаните. Оваа состојба не може, ниту треба, да се дозволи да се повтори. Иако на Хан и на другите странски дипломати им пречат во спроведувањето на агендата, протестите поради тиранската платформа со барање за нови избори наидуваат на одобрување на огромен процент Македонци и на речиси една петтина од македонските Албанци, што го покажува и вистинскиот расчекор меѓу актуелниот собраниски состав и граѓаните на кои се однесуваат законските решенија. Идејата за македонска платформа не е нова и таа се нагласувала во различни пригоди – од стратегија за евроатлантска интеграција до повлекувањето на црвените линии во преговорите со Грција. Пред два месеци апел за платформа беше упатен од Социјалистичката партија до сите политички партии. Тогаш беше нагласено дека сега не станува збор само за „црвените линии“ во однос на грчкото негирање или, пак, само како одговор на сеалбанската платформа. Ситуацијата по кризата, изборниот инженеринг и тиранското условување се толку сериозни што би било нелогично отфрлање на потребата од постоење еден таков документ, посочија оттаму.
ВМРО-ДПМНЕ неодамна, пак, најави документ кој се очекува да ги обедини сите. Тој, според најавите, содржи и некои краткорочни цели, прашања и решенија поврзани со актуелната криза, но адресира и подолгорочни цели и прашања кои би требало на подолг рок да превенираат повторување на ваква ситуација. Документот беше најавен од лидерот Никола Груевски.
– Ние подготвуваме и документ за зачувување на Македонија, тоа е политички документ кој ќе понуди начин за излегување од кризата, преку негово прифаќање ќе се излезе од кризата, но нема да се наруши унитарноста на државата – посочи Груевски навестувајќи дека наскоро ќе биде понуден на усвојување на сите поголеми партии.
Но, упатените посочуваат дека се мали шансите овој документ сега да биде ставен на маса и да биде лесноприфатен од политичките опоненти, од социјалдемократите, особено што сега, како заложници на тиранската платформа, нивните интереси се спротивни на ставот на граѓаните што секоја вечер бараат отфрлање на платформата која води кон разнебитување на државата и нови избори.
Засега само може да се насетат делови од точките во документот кој е подготвен од ВМРО-ДПМНЕ, а кои би се однесувале на долгорочни цели и прашања кои би довеле до неможност за повторување на кризата. Ако се земе предвид дека таков документ во голем дел ќе биде во согласност на ставовите искажани од партискиот лидер, како и до веќе искажаните понуди до социјалдемократите, но и според партиските соопштенија по средбите со странските дипломати, може да се забележат контурите на тоа што ќе содржи тој документ.
Неодминливо, ВМРО-ДПМНЕ веројатно ќе стои на барањето за децидно целосно отфрлање и осуда на тиранската платформа, како и барање заеднички став за спречување на можностите за идни директни вмешувања и условувања во внатрешнополитичките процеси во Република Македонија. Пред сѐ, тој документ би бил обврзувачки за сите политички чинители во иднина да застанат во почитување на Уставот на државата, со обврзување дека ќе бидат одбиени сите обиди за изигрување на Уставот на начин на кој сега, со тиранската платформа, се наметнува решение за двојазичност на целата територија. Се претпоставува дека тој документ ќе содржи и јасни насоки со кои не само што ќе се осудат, туку и ќе застанат на идни планови за редефинирање на државата, кои би воделе до крајната цел – промена на нејзиното име и идентитет.
Со прифаќање на тој документ, политичките партии би осудиле и би ставиле крај на директното мешање на надворешни фактори во создавање криза во државата, како неприфатлива би се оценила улогата и мешањето на странски амбасадори во внатреполитички процеси во Република Македонија. Пред сѐ, би се ставило крај на можноста за постизборни презентирања на платформи кои како уцени би се наметнувале во креирањето на идното парламентарно мнозинство и власт.
Според сите настапи од ВМРО-ДПМНЕ, до политичките партии ќе предложат документ кој би спречил идна можност за повторно мнозинство од македонскиот народ не само да биде оставено во опозиција, туку и да му се одземе правото да учествува во одлучувањето за иднината на државата, притоа почитувајќи го истото право и на сите други граѓани. Приоритетно место во документот подготвуван од ВМРО-ДПМНЕ во таа насока, веројатно, ќе заземе и заложбата за политичката стабилност и економскиот напредок, кои зависат од почитувањето на волјата на мнозинството од македонскиот народ, на политичката волја на мнозинството од македонските граѓани, која треба да биде почитувана и во Парламентот и во Владата и надвор на улиците, секаде каде што народот има суверено право да одлучува. Кон тоа би се додало и осудата на досегашната улога на надворешни центри за уцени, притисоци, замолкнување и закана кон политичари, новинари и медиуми, како и спречување за нивно идно такво делување.
Во делот на најавените краткорочни цели во тој документ, односно како решенија за излез од кризата, веројатно дека ќе бидат повторени двете опции кои подолго време се актуелни како понуда од ВМРО-ДПМНЕ до социјалдемократите – поддршка за малцинска влада и договор за заеднички избори – заедно со локалните да се спроведат и парламентарни избори. Тоа било посочено и на средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, каде што било нагласено дека приоритет се стабилноста и напредокот на државата, истовремено со почитување на волјата на мнозинството ГраЃани што гласале на изборите.
Оттука во понудата до сите партии би се повторила понудата за формирање социјалдемократска влада која нема да биде програмски уценувана со туѓи платформи, за што ќе се бара јавно откажување и отфрлање за да може како малцинска влада да се посвети на проекти кои граѓаните ги гласале на изборите. Притоа, како што веќе посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, не би се барало споделување на власта или, пак, сопирање на реформите кои произлегуваат од партиската изборна програма.
Второто можно решение за излез од кризата, а кое како краткорочно решение веројатно е дел од документот, би се барало организирање заеднички локални и парламентарни избори во следните неколку месеци. Колку и да е тоа болно прашање за социјалдемократите, локалните избори не може да се одбегнат. Токму заради локалните избори, цела држава ќе биде во предизборна атмосфера, која ќе оневозможи фокусот да биде ставен на реформски проекти, а истовремено отвора можност за надминување на актуелната ситуација, кога постојат огромен број незадоволни граѓани од тоа што постизборно се наметнува како владина програма.
Според овие видливи контури на документот, тој претставува добра основа и насока за излез од кризата без никакво фаворизирање по политичка или етничка основа. Притоа новите поделби во општеството наметнуваат потреба од таков заеднички документ што ќе значи и вистинска заложба за зачувување на суверенитетот и идентитетот на македонската држава. Прифаќањето таков документ од сите политички чинители, на крајот на денот, сепак, ќе значи натпартиско решение кое ќе ја одрази вистинската политичка зрелост на Република Македонија.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 238. број на неделникот „Република“, 24.3.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)