Потпретседателот на Владата и министер за надворешни работи, Никола Попоски, вчера ги имаше првите директни средби во Белата куќа, со претставници на новата администрација на претседателот Доналд Трамп. За време на неговата посета на Вашингтон, каде што престојуваше на самит посветен на борбата против ИСИС организирана од државниот секретар Рекс Тилерсон, Попоски се сретна со претставници на Советот за национална безбедност на Трамп, како и со претставници на Стејт департментот и повеќе конгресмени.
„Средбите, пред се, сѐ во насока на воспоставување директна комуникација со новата администрација во Вашингтон на претседателот Трамп. Во овој контекст е многу значајно што обезбедуваме поддршка од поголем број конгресмени кои имаат значајна македонска заедница во областите во кои се избрани. Во оваа насока сметам дека и во Конгресот и во новата администрација во Белата куќа и Стејт департментот најзначајно ќе биде Македонија да се најде на агендата за поддршка во остварување на нашите стратегиски цели“, изјави Попоски за Македонската телевизија. Според министерот Попоски, главни теми на разговорите биле состојбата во Македонија и регионот, како и начините на подобрување на американско-македонските односи. Попоски ја истакнал потребата од американски ангажман во регионот и од зачувување на стабилноста на Македонија.
„Значајно е Америка да остане ангажирана во нашиот поширок регион. Разговаравме секако и за регионалниот контекст, за потребата за стабилизирање на целиот регион и одржување на перспективите за интегрирање во регионот. Она што е значајно и од наш аспект е да ги запознаеме со сите напори кои ги имаме направено во изминатиот период за подобрување на регионалната клима и зголемување на соработката со сите наши соседи. Македонија впрочем е докажано дека е фактор за стабилност. Стабилна Македонија значи и стабилен балкански регион, но, исто така, занемарување на важноста на Република Македонија може да остави простор за дополнителни дестабилизации. Тоа е нешто што не е ниту наш регионален, ниту македонски интерес, уште помалку американски интерес“, додаде Попоски.
Во Конгресот, Попоски се сретнал со некои од конгресмените кои се меѓу истакнатите поддржувачи на Македонија, како Дејв Трот од Мичиген и Бил Паскрел од Њу Џерси. За време на посетата на Вашингтон, Попоски се сретнал и со претседателот на Националниот демократски институт, Кенет Волак, како и со Македонците кои живеат во Вашингтон, а присуствувал и на трибина за Македонија организирана од Коалицијата на Југоисточна Европа во седиштето на Обединетата македонска дијаспора.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Попоски и Димитров на „Топ тема“ ќе дебатираат за надворешната политика
-
Министерот за култура се сретна со амбасадорите на Турција и на Унгарија
-
Тројца војници отстранети од должност во Белата куќа поради „несоодветен контакт со странки“
-
Попоски: За разлика од Македонија, Бугарија си ги заштити своите интереси