Меј тоа го кажала во својот говор во британскиот парламент, по нападот во централен Лондон во кој загинале четири лица, вклучувајќи го и напаѓачот. Додала и дека во земјата нема да се крене нивото на безбедност и покрај вчерашниот напад, и дека останува на нивото “сериозна” закана по безбедноста, што значи дека напад е многу веројатен и можен. Нивото нема да се крене бидејќи нема докази дека ќе се случи одреден напад во блиска иднина, рекла таа.
Британскиот парламент денес продолжил со работа, ден по нападите во негова близина во кои загинале четири лица, вклучувајќи го и напаѓачот, додека истовремено трае вонредна седница на владиниот безбедносен одбор за итни ситуации.
Британската премиерка додала дека полицијата работела цела вечер за да открие повеќе за нападот.
Парламентот седницата ја започнал со минута молчење, а минута молк имало и во Скотланд Јард, стотина метри подалеку.
Британската полиција уапсила 8 лица на шест адреси во Лондон и Бирмингем, и рекла дека верува дека верува дека напаѓачот делувал сам и дека бил инспириран од “меѓународниот тероризам”.
Британската премиерка на терористите им порачала дека нема да победат.
-Најголемиот одговор не лежи во зборовите на политичарите, туку во секојдневието на обичните луѓе. Милиони луѓе продолжуваат со своите животи. Улиците се преполни како секогаш, канцелариите се полни, кафулињата работат. Во овој момент додека зборувам, милиони луѓе се качуваат во авиони и летаат кон Лондон. Во тоа го гледам најдобриот одговор на тероризмот- рекла Меј.
Таа додала дека во нападот повредени биле 12 државјани на Велика Британија, тројца државјани на Франција, четворица Јужнокорејци, еден Германец, Полјак, Ирец, Кинез, Италијанец, Американец и двајца државјани на Грција, јавува Sky News.
Неколку часа по говорот на британската премиерка, објавено било дека терористичката организација Исламска држава, ја преземала одговорноста за нападот. Amaq, агенцијата која џихадистите ја користат, јавила дека ИСИС е одговорна за нападот. Напаѓачот го нарекле “војник на Исламската држава”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.