На големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) вчера премиерно беше изведена детската претстава „Авантурите на Аладин“ во режија, адаптација и драматизација на Бојан Трифуновски.
По „Силјан штркот шанца“, ова е втора претстава за помладата публика во националниот театар. Ако „Силјан…“ е претстава за младинци, „Авантурите на Аладин“ е претстава која може да ја гледаат деца над седум или осум годишна возраст.
МНТ сериозно и мошне умно го подготвува репертоарот и со „Авантурите на Аладин“ си ја „купи“ и младата публика која со огромно внимание ја следеше претставата. Но, „Аладин“ е претстава која им е забавна и на родителите, посебно поради музичките препработки на Принс, Бијонсе, Битлси…
Во адаптацијата на Трифуновски љубовта победува. Аладин е сиромашно момче кое ја љуби прнцезата Џасмин, која татко и не ја дава бидејќи нема пари и углед. Затоа, тука е злобниот и подол Абаназер кој на нечесен начин сака да ја искористи храброста на Аладин и да го натера да влезе во пештерата и оттаму да ја донесе волшебната ламба. Од ламбата ќе излезе Добриот дух, кој заедно со Робинката од прстеност му помагаат на Аладин во неколку ситуации.
Улогите во претставата ги толкуваат: Аладин – Александар Михајловски, Принцезата Џасмин – Дарја Ризова, Абаназер Велики – Сашко Коцев, Духот од ламбата – Никола Ацески, Вдовицата – мајката на Аладин – Камка Тоциновски, Императорот – таткото на Џасмин – Славиша Кајевски, Робинката од прстенот – Леонора – Драгана Левенска, Страшилото – Принцот Леополд – Ненад Анѓелковиќ. Во претставата играат и актерите од Детското драмско студио на Магдалена Ризова – Черних.
Сценографијата е на Илина Ангеловска, а костимографи се Антонија Гугинска – Јорданоска и Елена Вангеловска. Кореограф е Александра Кочовска Начева, а композитор е Џијан Емин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.