Индискиот магнат Субрата Рој утре треба да допатува во дводневна посета на Охрид. Тој треба да има средби со македонското раководство во врска со неговите намери да инвестира во туристички комплекс на Охридското Езеро, како и за изградба на објектот во спомен на Мајка Тереза во Скопје.
Милијардерот Рој на аеродромот „Св. Апостол Павле“ е предвидено да го пречека министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески.
Се очекува Рој да ја посети локацијата каде е предвидена изградбата на туристичкиот комплекс, како и да разговара со претставници на Владата во врска со евентуалните можности за други економски инвестиции, меѓу кои и во областа на земјоделството.
Предвидено е два дена да престојува во Охрид, а посетата на Македонија да ја заврши со престој на Скопје в петок.
Компанијата „Сахара Индија Паривар“, чиј сопственик е милијардерот Субрата Рој, достави предлог за изградба на суперлуксузен туристички комплекс „Сахаријан Македонија“, иницијално замислен да биде лоциран кај автокампот „Љубаништа“ на површина од 240 хектари. Комплексот предвидува повеќе содржини, луксузен хотел на вода и апартмани од највисока класа, вили, бунгалови, марина, приватни плажи, казина и голф-терени. Проектот го изработи светски познатата проектанстка куќа „Аткинс“ од Лондон, според најавите со највисоки еколошки стандарди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


