В среда, на 22 март на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 19 часот е закажана премиерата на претставата „Авантурите на Аладин“ во режија, адаптација и драматизација на Бојан Трифуновски.
Александар Михајловски го толкува ликот на Аладин, принцезата Џасмин е Дарја Ризвова, Сашко Коцев е Абaнaзер Велики , Духот од ламбата е Никола Ацески, Вдовицата – мајката на Аладин ја толкува Камка Тоциновски, Славиша Кајевски е Императорот – таткото на Џасмин, Робинката од прстенот – Леонора е Драгана Левенска, а ликот на Страшилото – Принцот Леополд го толкува Ненад Анѓелковиќ.
„Силјан штркот шанца“ ја имаше честа да ја отвори детската сцена која што низ годините работела и функционирала на националниот театар. По пет месеци МНТ најавува премиера на уште една претстава наменета за најмладите.
– Сега не очекува премеирата на „Авантурите на Аладин“ на големата сцена. Ова е претстава за деца и за возрасни. „Авантурите на Аладин“ е новата театарска бајка на МНТ. Ова е претстава во која сите заедно ќе уживаме во актерскиот и технолошкиот потенцијал на МНТ. Токму тука е нашата заложба – со претставите за деца да поставиме нов стандард, посебна грижа, внимание и третман како што ги работиме и претставите за возрасни. „Авантурите на Аладин“ е тој детски спектакл во МНТ – изјави Дејан Пројковски, директорот на МНТ.
Според режисерот Трифуновски правење претстава за деца е голема одговорност и привилегија.
– „Авантурите на Аладин“ е приказна за победата на љубовта, најнекорумпиабилната сила во универзумот, врз алчноста и злобата. Приказна за простувањето и потребата да се верува дека во секој човек лежи скриен добротвор, скриен пријател, безусловен почитувач и сродна душа. Со многу музика, базирана на рокенрол класици, се карикатуризираат лошите, се нагласуваат пријатните карактеристики и атрибутите на нашите јунаци, во бескрајна трка по среќа – вели режисерот Трифуновски.
„Авантурите на Аладин“ е обид да се направи малку магија за најмладите на сцената на МНТ. Тоа е љубовна приказна која со здрава доза на хумор и есттетски цинизам, се бори со секојдневните хипербанални материјалистички пориви.
– Тотален театар и визуелно уживање за сите со отворено срце да го слушнат нашиот повик за подобра иднина на нашите деца. Се уште не сум слушнал поубава музика од колективното смеење на децата. Нема ни да слушнам – изјави Трифуновски на денешната средба со новинарите.
Ова е прв голем проект на Трифуновски на големата сцена во неговиот матичен театар.
– Првпат работам со луѓе кои ги сметам приватно за семејство – додава Трифуновски.
Младиот Александар Михајловски кој ја толкува главната улога во „Силјан штркот шанца“, првпат ќе игра главна улога на големата сцена на МНТ.
– Многу е убаво чувството кога се работи претстава за деца. Тие доаѓаат да се одушевуваат, да се забавуваат. Уживав во овој проект – изјави Михајловски.
Ризова ја толкува улогата на принцезата Џасмин.
– За мене е ова прекрасна безвременска бајка која што е обоена со љубов и која ги руши сите пречки и победува. Во ова време во кое живееме треба да ја бараме љубовта во секого бидејќи таа постои, треба да се вреднува и да се шири меѓу нас – вели Ризова.
Коцев го толкува ликот на Џафар, односно Абаназер Велики. Пред 12 години била последната претстава за деца во Кумановски театар во која Коцев играл.
– Претстава за деца не сме играле одамна. Најубаво од се беше тоа што е главно за актерот е да биде едно дете што си игра. Одамна не сум имал волку забавен процес во кој сум уживал. Ова не е претстава само за децата. Размислувавме како да ја направиме родителот освен со детето, да посака да дојде со другар да ја гледа – изјави Коцев.
Кајевски, кој го толкува таткото на Џасмин е многу задоволен што заживува детската сцена на МНТ.
– Тоа е многу важен сегмент од постоењето на оваа куќа – рече Кајевски.
Во претставата играат и актери од Детско драмско студио на Магдалена Ризова – Черних: Анастасија Ташковска, Дарио Ефтимовски, А. Енџи Николоска, Изабела Јакимова, Бранко Атанасов, Ема Давчева, Стефан Миленков, Мина Јелушиќ, Магдалена Младеновска и Лазар Христов.
Сценограф е Илина Ангеловска, а костимографи се Антонија Гугинска – Јорданоска и Елена Вангеловска. Автор на кореографијата е Александра Кочовска Начева, а музиката е на Џијан Емин. Огромна е екипата која ја создаваше претставата и во неа се уште и извршниот продуцент: Симона Угриновска, инспициент и асистент на режисерот: Никола Кимовски, музички асистент на режисерот: Марко Павлевски, видео анимации и сценски борби: Миодраг Константинов, камерман: Кузман Клековски, видео оператор: Марин Рочевски, дизајнер на плакат: Срѓан Јаниќијевиќ, дизајнер на светло: Игор Ѓеоргиев, дизајнер на тон: Ненад Трпеноски, оператори на светло: Горјан Темелкоски и Игор Митревски.
Следната изведба е на 29 март.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.