Да се стане родител на 41 година, во време кога имаш три-четири премиери во Драмски театар, многу претстави, надсинхронизации…работа преку глава… За многумина ова звучи преамбициозно, но не и за Ване од „Булки крај шините“, со кој пораснаа многу генерации. Рубенс Муратовски стана татко на 41 година, остана посветен на работата, но приватниот живот го држи далеку од јавноста. Сака да зборува за децата, сака да раскажува за малиот Григор, но за Григор да се појави во јавност треба тој самиот да изрази желба. А дотогаш тато Рубенс ќе раскажува колку е убаво чувството кога ќе создадеш нов живот. Со него разговаравме за доаѓањето на Григор и неговите почетоци како актер.
Да се стане татко на 41 година. Докажавте дека никогаш не е доцна.
Муратовски: Мислев дека цел живот создавам креации, креирам некакви ликови, меѓутоа сега сум убеден дека ја направив најголемата креација. Навистина ја направив. Најголемата креација која било кој може да ја направи е да има свое чедо. Не знам кога попат луѓето стануваат лоши, затоа што гледајќи го Григор, сфаќам дека луѓето не се родени да бидат лоши, зли, да бидат цинични, иронични, осветољубиви, такви какви што сме ние луѓето. Не знам кога стануваме такви. Дали светот и животот не прават такви? Но навистина би сакал да бевме такви какви што се малите деца.
Како се снаоѓате во улога на татко на малиот Григор? Кога се сака, може да се најде време за сѐ.
Муратовски: Работам исклучително многу, фала му на бога и се надевам дека и понатаму така ќе работам. Меѓутоа, доколку добро си го организираш животот, доколку го сакаш тоа што го работиш, нема никаков проблем, ниту да имаш дете, ниту да имаш плус работа, театарска претстава, премиера…
Една од работите која ми ја кажавте кога се договаравме за интервјуто беше – Само да не го сликате Григор.
Муратовски: Секогаш сум сакал да го одвојам приватниот од јавниот живот. Приватниот е приватен затоа што е само мој, живот кој го живеам со моите најблиски. Прво не сум го прашал Григор дали сака да биде фотографиран. Тој си е свој човек и морам да го прашам кога ќе биде доволно голем, па доколку сака секако дека ќе го направам тоа. Навистина сметам дека „продавањето“ со приватниот живот не би ми личело. Тоа би значело дека не сум постигнал доволно со професионалниот и сум се обидел на некој друг начин да го направам тоа. Немам ништо против оние кои сакаат приватниот живот да им биде јавен, изборот е нивни, но јас сметам дека некои работи треба да ги задржам за себе.
Дали тоа значи дека Григор ќе биде оставен сам да ги донесува одлуките за себе уште како мал?
Муратовски: Ќе има поддршка за се. Само една работа е битна за него и таа не смее да ја бира, а тоа е дека мора да биде навивач на Вардар и Ливерпул. Само тоа да се тимовите за кои ќе навива, се друго сам ќе си одбере. Другарите ме задеваат дека ќе навивал за Евертон. Не дај боже! Е тогаш ќе имаме проблем.
Тато нема проблем доколку Григор посака на деветгодишна возраст да глуми во ТВ серија?
Муратовски: Господ здравје!
Како Рубенс стана Ване на девет годишна возраст (Булки крај шините), а потоа и Таруно (Белото Циганче)
Муратовски: Ги учев прво, второ и трето одделение во „Јан Амос Коменски“. Мојата тогашна учителка му беше жена на еден од важните луѓе во Македонското радио, Спасе Нелов, кој бараше дете за неговата радио-драма која треба да ја сними. И нормално прво бараше во одделението кај неговата сопруга. Тогаш бев второ одделение. Читавме во една минута одреден број на зборови. Другарчињата читаа по 90 -95 зборови, јас едвај 50-55. Не знаев баш да читам. Но му се допаднало на човекот тоа што го прочитав и ја снимив првата радио драма, се викаше „Јорговани“. Мајка ми и татко ми ништо не знаеа. Следната година имаше упис во Детската радио драма која ја водеше Софија Гогова Врчаковска. Чивијата веќе беше влегла во мене, се пријавив во Детската радио драма, имав некој монолог, не знам од каде и пееев песна од Здравко Чолиќ „Гори ватра“. Оттогаш тргна тркалото. Следната година веќе беше „Булки крај шините“, многу радио драми…Оттогаш датира мојата љубов кон микрофонот. И кога на таа возраст ќе бидеш пред микрофоните и камерите, изборот каде да се запишеш е лесен. Воопшто не размислував, не беше донесена одлука, едноставно се погодија коцките… Ако не бев глумец ќе бев спортист, веројатно фудбалер, затоа што спортот и фудбалот многу ги сакам. Но не се жалам, убаво ми е вака.
Се сеќавате ли на првиот кадар? Трема, спомени…
Муратовски: Ех, тоа беше на кастинг. Имаше огромна аудиција за „Булки крај шините“, во дворот на Македонската телевизија во Нерези, во паркче, во тој преубав простор. Имаше многу деца од цела Македонија. Веројатно е тоа првиот кадар кој го паметам…Лажам! Една година порано, 1979, карши Македонската Телевизија пред да почнат зградите, во тревната површина се снимаше новогодишен детско-возрасен игран филм, кој се даваше пред Нова година, и тоа беше првото нешто од снимањето на кое се сеќавам. Трема имав, но имам и ден-денес. Идејата е да знаеш да ја контролираш тремата и да направиш да тече на твоја страна, да те направи да бидеш покреативен, подобар… Тремата е знак на одговорност и ништо повеќе.
Како беше после првата улога. Ве препознаваа на улица… Како се носевте со таа детска слава?
Муратовски: Морам да признам, иако не знам како ќе звучи тоа, кога ќе видев повеќе од две дечиња на исто место како прават муабет, секогаш кружев околу, затоа што откако ќе ги одминев слушав, еј еве го овој од Булки или еве го ова циганчето… И ми беше навистина непријатно. Ама баш непријатно. Се срамев. Не се срамев од работата што ја правев, ама не знам, што знае едно дете… Но полека, полека како одминуваше времето почнав да го прифаќам како дел од мојот живот. Таа слава некогаш ми помага, некогаш одмага. Морам да признам дека во поголем дел од случаите помага да бидеш познат, но има моменти кога не е баш убаво да си познат, ти делува негативно на некои други полиња. Меѓутоа, тоа е дел од работата. Од 6 до 41 година го работам тоа и сум го прифатил како дел од мојот живот.
Како ја најдовте средина помеѓу славното дете и познатото дете. Како постапуваа вашите родители? Многу деца кои почнале со слава на таа возраст тргнале во погрешен правец.
Муратовски: Да, баш така. Очигледно е голема улогата на родителите, затоа што навистина има многу случаи кога славни деца завршувале на лоши работи, да не ги споменувам… Очигледно е дека моите родители одиграле голема улога и завршиле голема работа. На 13 годишна возраст, откако претходно снимив игран филм со Боштјан Хладник, познат словенечки режисер, дојде покана од него, да глумам во филм кој е копродукција помеѓу Словенија и Италија. Франко Неро беше во филмот, а јас требаше да глумам негово дете. Потоа не требаше да се враќам, менаџерот кој што ќе работеше со мене требаше да ме носи во Америка и таму да го продолжам животот. Сега, од оваа гледна точка, не можам да кажам дека моите родители постапиле погрешно што не ме пуштија. Прво, сега како родител, не знам дали би му дозволил така лесно на Григор некаде да отиде, да не го гледам. Факт е дека демнат многу опасности кога како дете ќе отидеш некаде надвор и ќе ги имаш сите поволности кои може да ги има релативно славна личност, иако не мора да значи. Моите родители постапиле правилно. Втората работа е што јас, верувајте, ова не е фраза, си ја сакам својата земја, сакам да останам тука, сакам она што го знам и умеам да го правам да го споделам со мојот народ. Секаде на друго место би бил странец, „домата“ ми е тука!
Дали Григор ќе расте со „Булки крај шините“ и „Белото циганче“? Тоа се детски ТВ-серии кои одамна не се емитуваат, веќе и дваесетина години нема некој нов, добар домашен производ.
Муратовски: Доколку ништо Македонија не сними, а не снимила, тогаш ќе мора да живее со Булките и Циганчето. Убеден сум дека државата треба да помогне да се снимаат такви серии, затоа што Булките, Циганчето, Самарчето, Опстанок… се последните серии кои се снимени и тоа е за жалење. Не само за детски серии, туки и општо ништо квалитетно не е снимено. И доколку не се сними нешто добро, Григор ќе расте со Булките и Циганчето. Секако, и да се сними тој ќе расте со Булките и Циганчето, без лажна скромност, тоа се исклучително квалитетни серии, што е и причината што добиваа награди во поранешната држава.
Ние растевме со „Волшебното самарче“, „Букли крај шините“, „Белото циганче“, „Втората смена“, „Девојките на Марко“, „Опстанок“… Растевме со Игор Џамбазов, Рубенс Муратовски, Игор Маџиров, Мартин Трпчевски, како и постарите актери кои беа дел од тие серии… Денес децата растат со гласовите на познатите актери, но во турска, индиска, шпанска продукција. Ги препознаваат по гласовите во сериите.
Муратовски: Тоа е доказ дека нашиот народ ги сака домашните актери. До толку многу ги сака македонските актери, ги сака нивните гласови… Што би било кога и би ги гледал на ТВ. Јас сум првиот поборник да се снимаат домашни серии, но мора да има и надсинхронизација. Убеден сум дека секоја паметна држава, покрај домашната продукција која мора да ја има, мора да има и се останато на сопствениот јазик. Така се зачувува јазикот, така се засакува јазикот, така се учи јазикот. Ние како народ многу малку си го познаваме јазикот. Го осиромашивме со внесување на интернационализми и еден нов говор кој сега го користат децата.
Што е режијата на детски претстави? Што стана со „Бенг, Бенг, Мртов си“, претстава од 2006 година?
Муратовски: Тоа беше обид за детска претстава, тоа не излезе воопшто од технички причини. Со невладината организација „Цивил“ ја подготвувавме претставата, но од технички причини не успеавме да ја однесеме работата до крај. Пробувавме со една класа на ФДУ, но ништо не излезе ништо од тоа.
А имате желба да работите со деца?
Муратовски: Јас сум роден со дечињата. Тоа е најискрената публика, само нив не можеш да ги излажеш.
Тоа ми беше и наредното прашање – дали децата се најсикрената публика.
Муратовски: Буквално најискрената публика. Имам играно детски претстави и сум увидел дека во претстава за возрасни можеш да глумиш малку, да шмирнеш малку и или нема да забележат или нема да ти замерат. Децата не можеш да ги излажеш. Ако тоа не е искрено и чесно актерски одиграно, детето ќе стане да си оди, ќе сврти глава или ќе почне да плаче. Тоа е неверојатно и ме враќа на она првото што го кажав – кога луѓето стануваат лоши, кога не сме родени да крадеме, да лажеме, да убиваме…
Кој рече дека сум станал голем момче? Ова е прашањето кое Вие го поставивте на новинарот кој ве интервјуираше. Се уште живее детето во тебе?
Муратовски: Детето не смее да си оди! Се додека го имам детето во мене, ќе бидам глумец. Кога тоа ќе порасне повеќе нема да бидам актер. Глумецот е како дете на кое треба да му кажеш сѐ. Режисерот е тука да му каже на детето дека не се ставаат два прста во штекер затоа што може да го удри струја, дека не се јаде земјата затоа што може да го боли мешето. Детето е чесно, искрено, љубопитно, со авантуристички дух – а тоа е сето она што мора да го поседува секој актер кога ги создава улогите. Кога ќе го нема детето тогаш си пораснат, лош, злобен, циничен. И тогаш веќе во најмала рака не си добар актер.
И за крај, како родителите може да препознаат талент за глума кај своето дете?
Муратовски: Тоа допрва ќе го дознаам. Григор има само 48 дена и допрва ќе дознаам некои работи. Читав пред некое време една статија, како ќе познаете дали вашето дете е надарено за ова или она, но мислам дека е најдобро да го оставиш, и ти кон детето да се поставиш како дете, чесно и искрено. Да не му создаваш препреки, па да се одреди самиот себеси, според она што му го дал Бог. А кога ќе се одреди тука си за да му помогнеш.
Што е со форсирањето на децата да бидат нешто што родителите сакаат?
Муратовски: Форсирањето е најлошото нешто. Син ми сакам да е доктор или да е актер или не знам што… Тоа син ми никогаш нема да го доживее затоа што убеден сум дека среќен човек е само оној што е среќен што го работи она што мора да го работи. А две третини од нашиот живот поминуваат на работа. Ако две третини од животот ти не си среќен, тогаш си ја зезнал работата некаде по пат. Затоа, убеден сум дека секој мора да го работи она што го сака!
Интервјуто беше објавено во додатокот Моето дете во неделникот „Република“
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорги Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Виолета Џолева, режисерка: Со првиот мјузикл за деца сакам да им се заблагодарам на маестро Џамбазов и на Оливера Николова
-
Македонија на театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2019“, Русија
-
Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура
-
Бислимовски: РКЕ нуди четири цени на нафтените деровати, но трговците секогаш ја избираат највисоката