Најдобриот македонски одбојкар Никола Ѓоргиев, ја комплетираше својата најуспешна сезона откако стигна до двојната круна во Јапонија, на Царскиот куп додавајќи му ја и шампионската титула во оваа далечна источна земја.
Тимот на Торај ероус, во чии редови настапува и најдобриот македонски одбојкар, славеше во финалната серија против Госеи со 2-0 во победи, откако по вчерашниот повторно славеше и на денешниот дуел со истиот противник, овојпат со 3-1 во сетови. Ѓоргиев и соиграчите го добија првиот сет со 25-20, гостите израмнија на 1-1 (23-25), но Торај го покажа својот квалитет, славеше во следните два сета со 25-16 и 25-23 за прва шампионска титула.
Ѓоргиев со овој успех испиша златни страници во клупската историја на Торај и сигурно ќе добие богата понуда за нов договор со овој клуб, но не се исклучува можноста Македонецот, кој претходно настапуваше во Турција и во Франција, да го има својот камбек во европската одбојка каде исто така бројни клубови се интересираат за неговите услуги.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.