| четврток, 6 декември 2018 |

Хан, Вајгл, Кукан и Флекенштајн во вторник во Македонија

kukan flekenstajn vajgl

Еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, заедно со тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, во вторник ќе пристигне во Македонија со цел да направи уште еден обид за договор за излез од политичката криза во која државата е долг период, јави дописникот на МИА од Брисел.

Ова денеска го потврди портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, истакнувајќи дека Хан и тројката европратеници што ѝ досега посредуваа во преговорите на македонските политички партии, освен со лидиерите на партиите, во Скопје ќе се сретнат и со претседателот Ѓорге Иванов, во нов обид да го убедат шефот на македонската држава да го додели мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

– Можам да потврдам дека комесарот Хан ќе патува во Скопје во вторник, следната недела, а тоа е 21 март, заедно со тројцата европратеници Флекенштајн, Кукан и Вајгл. Заедно, тие ќе се сретнат со претставниците на сите парламентарни партии, како и со претседателот Иванов и ќе ја повторат цврстата позиција на ЕУ за почитување на исходот од изборите и да се дозволи продолжување на демократските процеси со брзо формирање реформски ориентирана влада, која ќе продолжи со имплементација на Договорот од Пржино. Исто така, да потсетам дека вчера, за време на состанокот на лидерите на Самитот на шест западнобалкански држави во Сараево, комесарот Хан ја истакна важноста од регионална соработка и предупреди на ризик од разгорување на тензиите, вклучително и меѓуетнички, преку изјави или дејствија што ќе ги поткопаат добрососедките односи – истакна Коцијанчич.

На прашањето дали е можно да се очекува посеопфатни преговори на Хан и македонските политички лидери што може да доведат до некој нов, можеби трет пржински договор, со кој би се направил обид за намалување на тензиите во Македонија и уште еден обид за излез од политичката криза, гласноговорничката на Еврокомисијата со одговор:

– Како што веќе реков, ние веруваме дека меѓу работите што треба да се случат е Договорот од Пржино да биде имплементиран – беше децидна Маја Коцијанчич.

Комесарот Хан и тројцата европратеници во минатото неколкупати посредуваа за надминување на политичката криза во Македонија, што како исход го имаше двофазниот договор од Пржино.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top