В среда, на 15 март од 17 до 19 часот во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ ќе се организира дружење и работилница со лицата со Даунов синдром. Организатор на настанот е Центарот за Даунов синдром. Лајонс Клуб Алфа Скопје ги обезбеди материјалите за работилницата.
– Целта на оваа работилница е преку заедничка дружба со лицата со Даунов синдром, да се изработи накит, украсни картички и други естетизирани предмети под покровителство на нашите три модераторки, Олика Селивон, Александра Зиновски-Вилиќ и Елизабета Петковска. Овие дела потоа ќе бидат изложени на штанд во Кинотеката на Македонија, на 20-ти март и ќе бидат понудени за продажба како дел од настанот кој го подготвуваме за одбележување на 21 март – Светски ден на Дауновиот синдром – велат од Центарот.
Овој настан, како и сите кои се во организација на Центарот за Даунов синдром е отворен за сите лица со Даунов синдром (независно од возраста), за нивните семејства и сите други добронамерници кои сакаат да нѐ запознаат, да нѐ вклучат во своите животи и да покажат дека веруваат во вештините и потенцијалот кој мора постојано да се негува.
Оваа работилница е дел од серијалот креативни работилници кои сме ги организирале и повторно нуди можност за терапевтска работа (фина моторика), креативност, дружење и многу забава!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.