Вечерва продолжуваат натпреварите од осминафиналната фаза во Лигата на шампионите, по кои ќе имаме два нови патници во најдобрите осум екипи во Европа.
Лестер ќе се обиде да испише историја и да ја елиминира Севилја за прво историско четвртфинале во најелитното фудбалско натпреварување, а ќе мора да анулира негатива од 2-1 од првиот натпревар на „Рамон Санчез Пинхуан“.
Историјата на Лестер Сити целосно се промени само 24 часа по одигрувањето на првиот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите против Севилја. Актуелниот бранител на титулата во Премиер лигата го отпушти Клаудио Раниери и од тогаш врза две победи во домашното првенство предводен од асистентот, Крег Шекспир.
Во пресрет на клучниот натпревар во Европа, двете ѕвезди на екипата Ријад Махрез и Џејми Варди играат како воскреснати, што е добра вест за домашната екипа. И покрај победата и предноста на шпанската екипа од 2-1, „лисиците“ се благи фаворити на денешниот дуел и во вкупниот двобој, кој води во четвртфиналето.
Андалузиската екипа одигра одличен прв дел од сезоната, но две неубедливи реми средби против Леганес и Алавес оставаат сомнеж кај Хорхе Сампаоли пред денешниот меч на „Кинг Пауер“ што дополнително ја подгрева атмосферата кај навивачите на Лестер со надеж дека нивниот тим ќе успее да се пласира меѓу осумте најдобри екипи во Европа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.