| четврток, 6 декември 2018 |

„За заедничка Македонија“: Ќе протестираме сѐ додека не се исполнат нашите барања

­

download

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ денеска најави продолжување на протестите за унитарна Македонија со уште поголема масовност сѐ до исполнување на нивните барања, а тоа е јасно и недвосмислено повлекување од тиранската платформа и создавање македонска платформа.

– Обидите на мала врата да се отвори дебата за промена на елементите на обединување на граѓаните на Република Македонија нема да поминat. Паднаа маските. Ние сме за заедничка Македонија, а не за платформи создадени во други држави од кои наши политичари не сакаа да се откажат. И нивните обиди да ги затскријат своите вистински намери ќе наидат на силен отпор на демократската јавност во поддршка на заедничка Македонија. Нема народот да си оди дома, како што бараат авторите и поддржувачите на тиранската платформа, туку во уште поголем број ќе се појави на улиците на РМ – рече Богдан Илиевски, еден од иницијаторите на „За заедничка Македонија“.

Тој при тоа најави дека денеска, на почетокот на третата недела од отпочнувањето на иницијативата, ќе има протести во рекордни досега 31 град. ­

– Не сакаме тиранска платформа, ниту програма на влада која не би ја добила поддршката од граѓаните на избори. И бараме јасно недвосмислено повлекување од платформите кои имаат за цел редефинирање на Македонија. На огромен број граѓани сѐ им е јасно, доказите се тоа што ги гледаме секој ден. Вистината е на наша страна, прашање е на време кога секој кристално јасно ќе увиди дека нашиот пат е пат на заедништво, соживот и толеранција и од тој пат нема да отстапиме – додаде Илиевски.

Игор Дурловски, кој исто така е еден од основачите на иницијативата, се заблагодари, како што рече, на стотиците илјади граѓани кои секојдневно и неуморно одлучија да кажат „доста ни се поделби и политички игри од кои страда државата“.

– Стотиците илјади граѓани кои се секој ден на улиците пратија порака дека сакаат заедничка Македонија, а не двојазична и бинационална земја на патот кон федерализација. Нивната поддршка на нашата иницијатива е голема обврска, но и мотив да продолжиме понатаму уште поодлучни, подобро организирани и со голема енергија да се бориме на достоинствен и демократски начин за нашите идеали – рече Дурловски.

На прес-конференцијата се обрати и актерката и режисерка Снежана Коневска- Руси која изрази поддршка за иницијативата „За заедничка Македонија“. Осврнувајќи се на нејзината генерација која, рече, живеела во мултикултурна држава и посочувачи на многубојните проекти одбележани со мултијазичност во кои учествувала, таа праша што е тоа што може да им го порача на своите внуци, за тоа во која држава живее.

– Ќе кажам дека веројатно се бориме за својата мајковина, за својот мајчин македонски јазик и за својата татковина – државата Македонија – рече Конеска- Руси.

Протестите во Скопје ќе се одвиваат по вообичаената патека. Ќе започнат пред Владата, а ќе завршат пред Собранието, а организаторите најавуваат и перформанс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top