| четврток, 6 декември 2018 |

Тодоров: Со проектот „Домашна визита“ посетени 250.000 лица

Откриен е дијабет кај три до пет отсто од вкупно 250.000 граѓани кои биле посетени од медицински екипи во домашни услови во изминатите три години преку проектот „Домашна визита“. Новооткриени пациенти со зголемени нивоа на маснотии се околу два процента од вкупно посетените.

– Генерално, со проектот овозможуваме повозрасните лица да направат контролен преглед на крвниот притисок или нивото на шеќер во крвта во домашни услови, без да треба да се оптоваруваат да патуваат до матичните доктори, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Во неколку случаи, потенцира, се детектирани пациенти со многу високи вредности на шеќер во крвта, при што веднаш се повикува Итната медицинска помош, а пациентот се транспортира во најблиската болница со цел навремено интервенирање.

Во реонот на Здравствен дом Скопје, најчести дијагнози кои ги детектирале патронажните тимови се кардиоваскуларните заболувања, за кои на пациентите им биле дадени совети за практикување здрави стилови на живот.

Како исклучително позитивен пример со проектот министерот Тодоров го наведе случајот кога бил спасен живот на повозрасна пациентка кај која патронажниот тим констатирал многу висок притисок, околу 220-230. При разговор со семејството било констатирано и дека пациентката извесно време има бубрежна инсуфициенција, по што веднаш била повикана Итна медицинска помош, била дадена потребната терапија и практично бил спасен животот на пациентката, рече Тодоров.

Како што информира, во реонот на Крива Паланка, највозрасен пациент кој редовно е посетуван од патронажните служби е 93-годишен. Во Прилеп, пак, во изминатиов период е забележан зголемен број лица со респираторни проблеми кои не посветиле внимание дека се работи за заболување сметајќи дека е состојба предизвикана од временските прилики, па затоа веднаш се упатени да се јават кај матичните лекари.

Преку тековниот седми циклус од проектот, во рамки на кој се посетуваат пензионери, од септември 2015 година досега се посетени 170.120 лица, меѓу кои само во реонот на Здравствен дом Скопје, 25.691 лице. Со претходните циклуси се опфатени постари и изнемоштени лица, лица со хронични заболувања, со посебни потреби, корисници на правата од социјална заштита, со инвалидност, потешкотии во движење, работно неспособни, корисници на надомест за туѓа нега, како и лица од рурални и потешко достапни населени места.

Патронажните визити во домашни услови ги спроведуваат над 300 патронажни тимови од сите здравствени домови во државата, кои вршат мерење на крвниот притисок, нивото на шеќер и холестерол, а воедно даваат совети за исхрана, за физичка активност и други совети.

Поектот „Домашна визита“ се спроведува во согласност со препораките на Светската здравствена организација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top