Доколку им веруваме на хрватските медиуми Македонија ќе остане без ракометен селектор, откако се тврди дека Лино Червар наскоро ќе биде именуван за нов кормилар на хрватската ракометна репрезентација. Денес, Червар имаше разговор со потпретседателот на хрватскиот ракометен сојуз, Зоран Гобац, а по средбата за „24сата“ даде изјава.
– Мене не ми е воопшто лесно, мене ми е најтешко. Морам да признаам дека не спијам бидејќи морам да ја донесам конечната одлука. Во Македонија сум седум години, луѓето одлично ме прифатија, направив големи работи за нивниот ракомет и не ми е воопшто лесно. Знам дека морам да донесам одлука и да бидам коректен со луѓето во Македонија и Хрватска. Не е тоа лесна ситуација и затоа молам за уште малку трпение – изјави селекторот на Македонија, Лино Червар.
Според зборовите на Гобац конечната одлука ќе падне за десет дена, кога Хрватска ќе го претстави старо-новиот селектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.