Најдобриот стрелец на „карамелите“ Ромелу Лукаку, стави потпис на нов петгодишен договор со Евертон, но неговиот агент Мино Раиола не ја отфрла можноста за преселба на белгиецот во следниот преоден рок. Новиот договор на 23 – годишниот голгетер ќе важи до 2022 година, а платата ќе го направи најплатениот играч во историјата на клубот, односно ќе заработува 140.000 фунти неделно или 6 милиони фунти годишно.
Лукаку во последното коло од англиската Премиер – лига го постигна својот 61. гол за Евертон против Тотенхем и го собори клупскиот рекорд за најмногу постигнати погодоци.
– Ќе видиме што ќе се случува на лето. Доколку стигнат понуди кои ги задоволуваат критериумите и на клубот и на мојот играч, тогаш ќе преговараме за потенцијална преселба. Засега, Лукаку е среќен и задоволен со новиот договор – изјави Мино Раиола.
Лукаку сезонава ја достигна бројката од 18 гола, што е неговиот максимум од претходните сезони, но се надева на уште повеќе бидејќи конкуренцијата за ‘златна копачка’ сезонава е на највисоко ниво.
Евертон в сабота ги пречекува ВБА во рамките на 24. коло од Премиер – лигата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.