| четврток, 6 декември 2018 |

Жените од ВМРО-ДПМНЕ Струмица донираа перики за Здружението „Борка“

Раководителката на Здружението „Борка“ од Струмица, Кети Филчева изрази голема благодарност за донацијата, нагласувајќи дека помошта ќе биде од корист за жените болни од рак

Наместо осмомартовска прослава, членките на ОК на Унија на жени од ВМРО-ДПМНЕ Струмица, донираа перики за членките на Здружението „Борка“.

Според претседателката Ели Панова, ова е мал гест на внимание за болните од рак, кои поминуваат тешка фаза во животот.

– Во оваа акција учестуваа голем број жени, а не само наши членки. Сакам да им се заблагодарам на сите кои дадоа свој придонес за реализација на оваа акција, која е особно важна за оваа категорија жени. Сакаме да им порачаме на сите дека хуманоста треба да биде дел од нашето секојдневие, затоа што секое нешто кое со малку љубов и внимание го правиме ја создава вистинската среќа – рече Панова.

Раководителката на Здружението „Борка“ од Струмица, Кети Филчева изрази голема благодарност за донацијата, нагласувајќи дека помошта ќе биде од корист за жените болни од рак.

– Благодарност на жените од ВМРО-ДПМНЕ што се откажаа од прославата на 8 март и собраа средства да ги купат овие седум перики. Особено ни е важно што оваа донација е наменета за жени и доаѓа од жени. Ние, како „Борка“ освен со едукација и превенција, имаме и кампања за донирање бесплатни перики на жени кои минуваат фаза на хемотерапија, а социјалната положба не им дозволува да купат сами. Тргнувајќи од фактот колку косата и значи на жената, ваквите донации ни овозможуваат да им помогнеме на поголем број дами – рече Филчева.

Таа нагласи дека жените оперирани од рак на дојка, од годинава може да земаат бесплатна протеза покриена од ФЗОМ, еднаш годишно, а не како што било случај досега еднаш на две години.

– Имаме одлична соработка со Алијансата и со Фондот за здравствено осигурување. За користење протези жените треба да земат потрвда од матичен лекар и да одат во специјализирана продавница каде што може да ја набават – рече Филчева.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top