| четврток, 6 декември 2018 |

Отворени четири нови занимални во градинката „Весели цветови“ во Делчево

Од денеска во четирите нови занимални отворени во детската градинка „Весели цветови“ во Делчево се згрижени нови стотина дечиња кои беа на листата на чекање. Со ова бројот на дечињата згрижени во оваа градинка се зголеми на 340.

Премиерот Емил Димитриев кој денеска ги посети новоизградените простории на оваа детска градинка потенцираше дека изградбата на новите занимални е уште еден пример, како што рече, како со една добра соработка меѓу Владата и општините се реализираат проекти за една од највиталните генерации во државава, најмалите дечиња. ­

-Само во 2016 година на територија на Република Македонија се згрижени нови 1.400 дечиња, а процентот на опфатот на дечиња е триплиран. Тоа доволно зборува дека Владата е на добар пат да го реши овој проблем на едно високо и квалитетно ниво, особено со проектот за изградба на 140 нови градинки. Сметаме дека барањата на жителите на РМ за сместување на децата во ваквите установи, ќе бидат во целост исполнети, рече Димитриев.

Градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански истакна дека инвестицијата во детската градинка е од огромно значење за општина Делчево. ­

-До денеска 160 дечиња беа на листата на чекање за да се опфатат во детската градинка. Ние со овој капацитет овозможуваме дополнително згрижување на стотина дечиња. Инвестицијата е 2,7 милиони денари од буџетот на Општина Делчево, околу 18,5 милиони задолжување преку Владата со кредит од Светската банка, и нешто помалку еден милион денари набавени од страна на градинката. Ние се надеваме дека со овој капацитет сме решиле еден голем проблем, но и во иднина ќе ги решаваме проблемите поврзани со сметсувањето на дечињата. Сега зборувавме со премиерот и министерот за да се отвори нов капацитет и се надеваме дека проблемот со децата кои чекаат да влезат во градинката ќе биде решен целосно, рече Шехтански.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top