Додека Европа расправа за илегалните доселеници од Африка, Шпанија веќе одамна ја искуси кризата кога десетици илјади Сенегалци стигнаа на Канарските Острови. Денес не стигнува практично ниту еден од нив.
Капетан Антонио Куеведо е на палубата на својот полициски брод и гледа кон морскиот хоризонт. Кај Дакар заоѓа сонцето во златни бои. Така би бил отсликан моментот кога не би владеел ужасен мирис од рибји отпадоци. Полека му се приближува друг брод, 30 метри долг патролен чамец на шпанската Цивилна гарда. На него не се само шпански, туку и полицајци од Сенегал.
Колегите на Антонио набрзо ќе пратат извештај на координативниот центар на Канарските Острови. Во него пишува кого тој ден го запреле на морето.
– Се уште гледаме осум до десет бродови на ден, два од нив ги запираме и ги прегледуваме, вели Куеведо.
Проверуваат кој се наоѓа на тој брод и дали има илегални доселеници. Но, главно се работи само за рибари, ни вели шпанскиот службеник. За тој што има сомнеж дека сака да тргне кон Канарите, го враќаме назад на брегот.
– Денес нема смисла воопшто да се обидувате да одите таму преку море, вели Куеведо. – Понекогаш запираме луѓе кои дошле од далеку. И по две години се обидуваат да дојдат на некој брод, тука во Сенегал или во Мавританија. Тие луѓе за своето патување потрошиле многу пари, а ние потоа ги ловиме од морето. Така се им е пропаднато, за ништо, додава тој.
Договор на Шпанија со Сенегал
Навистина изминатата година ниту еден единствен Сенегалец не успеа да дојде на Канарските Острови преку море. Тој пат е цврсто затворен. Но, во Шпанија се уште добро се чувстува бранот на бегалците во 2006 година, кога на Канарите дојдоа 30.000 бегалци, во рибарски бродчиња од Сенегал и Мавританија.
Стигнале толку колку што тргнале, тоа никој точно не го знае. Нема официјални податоци за исчезнати и загинати. Но, има податоци за живите: од 2005 до 2009 година бројот на Сенегалците кои живеат во Шпанија е двојно зголемен. Мадрид затоа склучи договор со Сенегал за да ги спречи луѓето воопшто да појдат на пат и ако е потретно, да ги ловат на море.
Покрај човечката трагедија, тоа воопшто не е глетка која сакаат да ја видат туристите во Шпанија
Алберто Вирела до неодамна бил службеник во шпанското Министертсво за помош и развој задолжен за Африка. Денес е амбасадор на Шпанија во Сенегал:
– Шпанскиот рецепт за успех во прашањето за бегалците е соработката на повеќе нивоа со земјите во регионот, вели тој.
А тоа значи и борба против сиромаштијата, да се јакне стопанскиот развој и трговијата, како и да се продлабочи културната размена.
– Ако ЕУ сака да ја контролира миграцијата, таа ќе успее само ако и земјите од каде доаѓаат бегалците нешто би имале од тоа, вели Вирела.
Шпанија го отвори паричникот
Шпанија не вложува само во развојните проекти за да ги подобри тамошните животни услови, туку финансира и програма за враќање со цел на Сенегалците кои ќе се одлучат да се вратат, да им даде животна перспектива. А потоа тука се и трошоците за обезбедување на границата. Европа допрва расправа за тоа, дали воопшто и како да ги штити своите граници во земјите на потеклото и транзитот, Мадрид тоа веќе одамна го прави.
Всушност и во претставништвото на ЕУ во Дакар можат да се слушнат само пофални зборови за оваа шпанска иницијатива. Се вели дека тоа може да биде пример за цела Европа. Бидејќи токму исто како што е Европа сега, тогаш Шпанија беше изложена на голем притисок. Секогаш се случуваше на плажите полни со туристи, брановите да донесат тела на удавени Африканци.
Шпанија реагираше со пари. Мадрид му понуди на Сенегал 20 милиони евра за да ги запре доселениците.
– Во Сенегал тогаш се подготвуваа претседателски избори и претседателот Ваде сакаше повторно да биде избран, вели сенегалската експертка за миграции Алу Тандиан. – Одеднаш на маса му стигна огромна сума на пари кои сакаше да ги употреби за други цели, вели таа.
Сигурно дел од парите отидоа во предизборната кампања, сметаат експертите, но таа позајмица од Шпанија беше и повеќе од добродојдена. Факт е и дека Сенегал мора да врати само дел од тие пари, а Шпанија и покрај тоа многу ја зголеми и својата развојна помош за земјата.
Невладиното здружение Ентре Културас утврди дека Шпанија на Сенегал му простила најмалку 12 милиони евра долгови. Дел од парите всушност биле наменети за развојни проекти во помош во борба против илегалната миграција. Така и драстично е зголемена помошта за полициската соработка: во 2006 година таа изнесувала 78.000 евра, во 2007 била 1,9 милиони евра.
Но, наспроти помошта од Шпанија, се уште луѓето заминуваат од Сенегал. Сега бегалците се на брегот на Медитеранот во Либија.
По друг пат
– Шпанија ну даде на Сенегал технички можности навистина да делува, вели комесарот Мамадоу Нидаје Фал, кој во сенегалската полиција е задолжен за илегален премин на границите. – Во пристаништето стојат чамци кои редовно патролираат, имаме и воен хеликоптер кој подалеку од брегот бара бродчиња со мигранти. И тука во граничната полиција имаме сектор кој е подобро опремен за борба против шверцерските мрежи, додава тој.
Шверцерите се уште се активни, но денес повеќе не ги водат мигрантите преку море, туку преку копно во соседните држави.
Естебан Белтран од Амнести Интернешенал има забелешка за овие шпански мерки.
– Тие не го спречија, туку само го променија патот на бегалците. Луѓето кои денес сакаат да одат во Шпанија, се обидуваат да одат преку Мароко или Либија. Порано доаѓаа преку Сенегал, денес стигнуваат преку Мали, вели тој.
„Да не нема…”
Сенегалците се уште се една од најбројните групи на бегалци кои стигнуваат во Европа преку Медитеранот. Европската погранична служба Фронтекс го вбројува Сенегал меѓу првите пет земји на потекло на мигрантите. Со други зборови, дури и по десет години од почетокот на соработката на Сенегал и Шпанија, Сенегалците сепак не остануваат дома. Се уште многу од нив тргнуваат на пат. Илегално, бидејќи за многу жители на земјата практично е невозможно да добијат виза за Европската унија.
Но, по десет години помош, дали Сенегал конечно е во состојба да се погрижи за сопствените граници и без помош од Шпанија? Полицаецот Антонио Куеведо се смее на тоа прашање. Вели дека тоа што сега ќе го каже не е официјален став на полицијата или на шпанското Министерство за внатрешни работи, туку само негово лично мислење:
– Миграцијата е наш проблем. Сенегалците ни помагаат, но доселениците се проблем на Шпанија и на Европјците, вели капетанот на полицискиот чамец. – Ако ние си отидеме од тука, тие за кратко време повторно ќе појдат кон Шпанија. На Сенегалците им е сеедно, дали нивните жители си одат. Логично, вели Куеведо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.